Skip to content

Студентската листа го собори Вучиќ, но се дели за Косово: за едни „привремено окупирано“, за други Србија може и без него

1 мин. читање
Сподели
Студентската листа го собори Вучиќ, но се дели за Косово: за едни „привремено окупирано“, за други Србија може и без него

Студентската листа ги доби неделните парламентарни избори во Србија со 140 пратеници, наспроти 104 за коалицијата на Александар Вучиќ. Уште шест места им припаѓаат на националните малцинства, а опозициските партии што настапија самостојно останаа без ниту еден пратеник. Тоа е мнозинство во Скупштината – освоено без ниту еден студент на листата.

Да, добро прочитавте. Студентите што ги организираа протестите и блокадите на факултетите по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 луѓе, не се кандидираа. Сите 250 имиња ги избраа на своите пленуми – професори, експерти, интелектуалци и јавни личности. Делумно затоа што сметаа дека немаат доволно знаење и искуство за високи функции, а делумно за да не му дадат на Вучиќ лидери што би можел да ги нападне.

Тука почнува проблемот. Пленумите можеа да им ја повлечат поддршката на кандидатите само до изборниот ден. Сега пратениците се сопственици на своите мандати, без никаква правна обврска кон студентите, освен политичката и моралната. „Според Уставот и законот, пратеникот е сопственик на својот мандат. Се обврзавме дека ќе ја почитуваме програмата на Студентската листа“, изјави адвокатот и музичар Феѓа Димовиќ, 48. на листата.

Сребреница, Косово, Јасеновац – каде листата се дели

Колку е шарена листата најдобро покажуваат токму нејзините најистакнати имиња. Социологот Јово Бакиќ, 76. на листата, уште пред 20 години јавно зборуваше дека во Сребреница се случил геноцид – квалификација што ја потврди и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, но што Србија официјално никогаш не ја прифати. „Србија има обврска да ги нарече работите со вистинското име. Во Сребреница се случи геноцид, колеж над Бошњаците што се спроведуваше во име на Србите“, велеше Бакиќ. Тој зборувал и дека Србија може без Косово, над кое одамна нема никаква контрола.

На другата страна стои Димовиќ. Пред неколку години тој изјавил дека Косово „никогаш и по никоја цена“ не смее да стане членка на Обединетите нации, дека и признавањето на независноста и евентуалната поделба би биле „голем срам за српскиот народ“, а поранешните косовски лидери Хашим Тачи и Рамуш Харадинај ги нарекол терористи.

Димовиќ не е осамен. Радомир Саичиќ, универзитетски професор, академик на САНУ и можен кандидат на студентите за претседател на Србија, во предизборен настап рекол: „Косово и Метохија се, според Уставот, неотуѓив дел од нашата територија. Тоа е факт и така ќе остане. За мене тоа е привремено окупирана територија.“ Во истиот настап рекол дека иднината на Република Српска е дел од иднината на српскиот народ и дека Србија од Република Српска ја дели „фиктивна и геометриска граница“.

Сосема поинаков тон има психологот Александар Бауцал, професор на Филозофскиот факултет во Белград, кој влезе во Скупштината како 87. на листата: „Ние како држава ја признавме Босна и Херцеговина и тоа нè обврзува да ја почитуваме како свој сосед и како земја што има свои права и интереси.“

За хрватската јавност најгласно одекнаа ставовите за Втората светска војна. Димовиќ во 2008 година, во авторски текст за Јасеновац, напишал дека Хрватска никогаш не била судена за геноцид, а пејачот Марко Перковиќ Томпсон го нарекол „искомплексиран кловн“ и „за жал, најпопуларниот хрватски пејач“.

Што ќе ги држи заедно?

Досега Студентската листа немаше потреба да се изјаснува за ваквите прашања. Се изјасни, доста противречно, и за приближување кон Европската унија и против санкциите кон Русија. За победата не ѝ требаше идеолошко единство. Ѝ требаше заеднички противник.

Сега доаѓаат секојдневните гласања. „За прв пат ќе имаме нешто што се вика вистинска демократија. Луѓето што ќе влезат во парламентот ќе се договараат, ќе има предлози и гласање за нив. Како ќе одлучи мнозинството, така ќе постапиме“, рече актерот Тихомир Станиќ, осми на листата. Звучи убаво. Но кој ќе одлучува кога пратениците ќе треба да гласаат за Косово – студентските пленуми, пратеничкиот клуб или идната влада?

Студентската листа го направи она што српската опозиција години наред не успеваше: ги собра речиси сите противници на Вучиќ околу една изборна опција. Колку такви коалиции на Балканот го преживеаја првото вистинско гласање по изборната ноќ? За соседите на Србија, вклучително и Македонија, ќе биде важно кој од овие гласови ќе стане глас на државата.