Skip to content

Договорите на дело во државата пред укинување: законот ветува постојани места, а остава простор за 10 отсто нови хонорарци

1 мин. читање
Сподели
Договорите на дело во државата пред укинување: законот ветува постојани места, а остава простор за 10 отсто нови хонорарци

Илјадници луѓе во државните институции со години работат секој ден, а на хартија се „хонорарци“: со договор на дело, авторски договор или преку агенција за привремени вработувања. Немаат сигурност за утре, а дел од нив ни платен одмор, социјално и пензиско осигурување. Сега во Собранието е предлог-закон што ветува да ги претвори во вработени на неопределено време.

„Денеска исправаме една децениска неправда. Решаваме проблем кој со години беше премолчуван, одложуван и префрлан од една институција на друга“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој го претстави Предлог-законот за трансформација во редовен работен однос.

Кој влегува, кој останува надвор

Законот ги опфаќа органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, фондовите и заводите, како и јавните установи во здравството, културата, детската и социјалната заштита. Надвор остануваат акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал во Армијата, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, универзитетите и научните установи, како и МВР, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Финансиската полиција и Управата за финансиско разузнавање.

Трансформацијата не е автоматска. Ќе зависи од видот на договорот, од институцијата, од систематизацијата и, на крајот, од Министерството за финансии, кое мора да даде финансиска согласност и може да ја одбие ако вработувањето не се вклопува во буџетот на институцијата.

Роковите: 90 дена од стапувањето во сила на законот институциите треба да ги донесат решенијата или да ги склучат договорите. Во првиот бран, според подеталното образложение, до половина од опфатените стануваат вработени веднаш, а останатите најдоцна до 31 декември 2027 година. Додека трае постапката, институцијата не смее да им го прекине ангажманот, освен при сериозна повреда на обврските.

Ова веќе сме го гледале

Ова не е прв ваков закон. Во февруари 2015 година државата донесе речиси идентично решение, исто така фазно, со рок од три месеци. Тогаш идните договори на дело беа ограничени на само 1 отсто од вработените, со закана од затвор за раководителите. И покрај тоа, единаесет години подоцна хонорарците повторно се натрупаа доволно за да им треба нов закон.

Новиот предлог е полабав. Од 1 јануари 2028 година институциите ќе смеат преку договорни ангажмани да земаат до 10 отсто од бројот на вработени што го имале на крајот од претходната година, а за директорите што ќе го пробијат лимитот предвидени се глоби од 250 до 500 евра. Ако правило со закана од затвор не ги спречи старите хонорарци, што ќе спречи нови со лимит десет пати поголем и глоба наместо затвор?