Skip to content

Мицкоски не се откажува од спојувањето на АНБ и разузнавањето: партијата била жртва на службите, па сега ќе има една, поголема служба

1 мин. читање
Сподели
Мицкоски не се откажува од спојувањето на АНБ и разузнавањето: партијата била жртва на службите, па сега ќе има една, поголема служба

Владата нема да се откаже од спојувањето на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање. Тоа го потврди премиерот Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања, одговарајќи на пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, кој побара реформата да се повлече, предупредувајќи на прекумерна концентрација на безбедносна моќ и потсетувајќи на незаконското прислушување.

Мицкоски вети јавна дебата, транспарентна постапка и засилен парламентарен надзор врз идната обединета агенција. Причината за реформата, рече, е дел и лична: „Кога бевме во опозиција бевме жртви на тие служби и за тоа има судски процеси“. Сомнежите за ново прислушување ги отфрли со аргументот дека постои Оперативно-техничката агенција, па секое следење надвор од законот би било злоупотреба со своја одговорност. Спојувањето е дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, по примерот, како што рече, на САД и Хрватска.

Аргументот што се врти во круг

Тука има една незгодна логика. Премиерот вели дека неговата партија била жртва на моќни служби – и затоа одговорот е служба уште помоќна, обединета под еден покрив. Гаранцијата дека нема да се злоупотреби е ОТА и „механизми за одговорност“. Но и кога се прислушуваше, законите и институциите постоеја на хартија. Прашањето не е дали ќе има надзор, туку дали Собранието во кое власта има мнозинство навистина ќе ја контролира агенцијата што таа власт ја создава.

Границите и „пропусниците“

Трајчулески отвори и прашање за контролата на границите. Ги наведе случаите со Артан Груби, Прпарим Бајрами и Блерим Рамадани, заплената на петте тони дрога во Србија и патувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, на свадба во Косово. Го спомна и случајот со Ива Михајлова, за која МВР соопшти дека нема евидентиран излез од Македонија, ниту легален влез во Бугарија, иако во јавноста беше објавено дека е таму. „Политичката моќ, врските и влијанието не може да бидат пропусница за избегнување на правдата“, порача тој.

На седницата премиерот ја бранеше и поддршката за ископот на антимон во Луке кај Крива Паланка, повикувајќи се на позицијата на градоначалникот од СДСМ, а за спорните концесии ги посочи претходните влади. Обвинувањата за криминал ги нарече невистинити и политички мотивирани.

Службите остануваат, владите се менуваат. Кој ќе ја надгледува обединетата агенција кога на чело ќе дојде некој друг?