Skip to content

Дваесет резиденции и 9.000 квадрати шума на Водно: анкетата трае еден месец, и почнува среде август

1 мин. читање
Сподели
Дваесет резиденции и 9.000 квадрати шума на Водно: анкетата трае еден месец, и почнува среде август

Општина Центар од 13 август до 14 септември спроведува јавна анкета за Нацрт Деталниот урбанистички план за Градска четврт Ј 05 – Барутана, на падините на Водно. Соопштението од Општината зборува за транспарентност и вклученост на граѓаните. Содржината на самиот план зборува за нешто друго.

Градоначалникот Горан Герасимовски ги повика жителите да учествуваат. „Ниту една одлука не е само моја, ниту само на Општината или Советот. Одлуките треба да ги носиме заедно со граѓаните”, порача тој, додавајќи дека секое мислење е важно и секој предлог заслужува внимание.

Анкетните листови се пополнуваат секој работен ден од 8 до 16 часот во ООУ „Кочо Рацин” на улицата „Салвадор Аљенде” број 2, каде нацрт-планот е изложен во хартиена форма, или електронски преку веб-страницата на Општината и системот е-урбанизам. Јавната презентација е закажана за 3 септември во 12 часот, во просториите на Општина Центар. Планот се однесува на периодот 2025-2030 година и опфаќа површина од 6,89 хектари.

Што стои под зборот „план”

Тука соопштението застанува, а бројките продолжуваат. Нацртот предвидува изградба на околу дваесет резиденцијални објекти на стрмен терен, за што е потребно расчистување на околу 9.000 квадратни метри шума на Водно.

Советничката Билјана Филиповска-Тодорчевска, која гласаше против, тврди дека планот е во спротивност со Генералниот урбанистички план и дека бруто-развиената површина се зголемува на 29.000 квадратни метри наспроти одобрените 6.500. Нејзиниот аргумент не се однесува само на естетиката – таа предупредува на ризик од ерозија и лизгање на теренот, што не е проблем само за идните станари туку за целиот град под падината.

Нацртот беше усвоен на 14 јули со заеднички гласови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Против гласаа „Шанса за Центар”, Левица и ЗНАМ.

Анкетата е вистинска, но само ако некој ја прочита

Јавната анкета не е формалност и вреди да се искористи – тоа е единствениот момент во кој граѓанинот има запишано право да каже нешто пред планот да стане обврзувачки. Но постои разлика меѓу отворена врата и покана.

Анкетата трае еден месец и почнува во средината на август, кога голем дел од Скопје е на одмор. Нацртот е изложен во едно основно училиште, во работни часови, кога повеќето луѓе се на работа. Формално – сè е достапно. Практично – тоа е модел на консултација што секогаш дава ист резултат: мал одѕив, кој потоа се цитира како отсуство на приговори.

Разликата помеѓу 6.500 и 29.000 квадратни метри е прашање за кое вреди да се одземе едно попладне. Водно има само една падина, и таа не се враќа откако ќе се исече.