Skip to content

Физичар создаде „минијатурен универзум“ во кој времето почна да тече само од себе

1 мин. читање
Сподели
Физичар создаде „минијатурен универзум“ во кој времето почна да тече само од себе

Замислете лабораторија во која нема часовник, а времето сепак почнува да тече – од само себе. Тоа буквално го направил еден физичар во Бирмингем, и резултатот отвора прашање што луѓето си го поставуваат откако постои свеста: што е всушност времето?

Џовани Баронтини од Универзитетот во Бирмингем објавил труд во кој опишува како во лабораторија создал нешто што самиот го нарекува „минијатурен универзум”. Основата се 24.000 атоми рубидиум, изладени речиси до апсолутната нула – точка на која материјата почнува да се однесува по правилата на квантната физика, а не по оние на секојдневниот свет. Тие атоми формираат таканаречен Бозе-Ајнштајнов кондензат, состојба во која илјадници атоми се однесуваат како еден.

Системот бил поделен на два дела. Прашањето беше едноставно, но огромно: дали времето мора да доаѓа однадвор, како некаков универзален часовник што отчукува за сите, или пак може да израсне однатре, од самите промени во еден затворен систем?

Одговорот што го добил е фасцинантен. Кога ентропијата – грубо кажано, мерката на неред – течела од едниот дел кон другиот, „внатрешното време” напредувало. Кога размената забавувала, забавувало и времето. А кога двата дела дошле во рамнотежа, внатрешното време едноставно – застанало. Без надворешен часовник, без надворешна сила. Времето постоело само додека нешто се менувало.

Зошто ова е важно? Затоа што физиката крие една непријатна тајна. Речиси сите основни закони на природата функционираат исто и нанапред и наназад во времето – равенките не знаат што е „минато”, а што „иднина”. Па сепак, ние го живееме времето само во една насока. Кафето се лади, никогаш не се загрева само од себе. Разбиената чаша не се склопува назад. Зошто?

Трудот нуди провокативен одговор: можеби стрелката на времето, тоа чувство дека времето оди само нанапред, „произлегува од незнаењето”. Секој набљудувач, за да измери еден систем, мора да се откаже од дел од информацијата за него. И токму таа жртва создава насока – создава минато и иднина.

Ова засега е експеримент во контролирани услови, а не последен збор за природата на времето. Но има нешто длабоко балканско во таа идеја. Времето не е апсолутен господар што отчукува над нас – тоа тече само таму каде што нешто се менува. Колку општества на овие простори застанале токму затоа што престанале да се менуваат? Можеби физичарите во Бирмингем случајно опишале и понешто повеќе од атоми.