Skip to content

Франција ги затвора училиштата: 250.000 демонстранти на улица, 15-годишно момче остана без шака

1 мин. читање
Сподели
Франција ги затвора училиштата: 250.000 демонстранти на улица, 15-годишно момче остана без шака

Франција ги затвора училиштата – затоа што средношколците излегоа на улица и државата повеќе не знае како да ги врати во клупите. Француската влада одлучи наставата да биде прекината од 7 октомври до петок, по ден во кој, според Министерството за внатрешни работи, околу 250.000 луѓе протестираа низ целата земја. Организаторите тврдат дека биле 450.000.

Бројката што ја засени сета статистика е една шака. Во Ланс, на северот на Франција, 15-годишен демонстрант од средното училиште „Огист Бехал“ остана без шака откако подигнал шок-граната од земја и таа му експлодирала во рака. Родителите и учениците од училиштето, според извештаите, се во шок.

Премиерот Себастијен Лекорну пред пратениците изнесе билансот: од почетокот на протестите повредени се 215 ученици, 85 вработени во образованието и 715 жандарми и полицајци. Министерот за образование Едуар Жефре додаде дека бројот на повредени просветни работници е највисок во последните неколку децении. Лекорну го осуди „екстремното насилство“ што, според него, „чука на вратата на средните училишта“, а прекинот на наставата го објасни со потребата секој директор да добие време за „внатрешен демократски дијалог“.

Другата страна на сметката е подеднакво тешка. Уапсени се 6.059 лица, а во притвор завршиле 5.060. Генералниот инспекторат на националната полиција соопшти дека се отворени десет кривични истраги. На социјалните мрежи кружат снимки од полициски интервенции врз млади демонстранти, меѓу кои и една од Поатје, каде полицаец фаќа млад човек за врат. Левицата – социјалистите, комунистите, еколозите и „Непокорена Франција“ – побара оставка од министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез и најави иницијативи за ограничување на гумените куршуми и шок-гранатите, како и анкетен одбор за полициското насилство.

Насилство имаше и од другата страна на барикадите. Во Лион и Безансон демонстрантите фрлаа камења и предмети врз полицијата, која одговори со солзавец, а во Рен и со водени топови. Шеснаесетгодишен ученик од Ла Сиота е изведен пред суд во Марсеј, осомничен дека за време на протестот полеал професор со бензин пред училиштето. Блокирани беа дури и престижните париски гимназии „Анри IV“ и „Луј Велики“.

А за што всушност протестираат? Учениците велат – за недоволното финансирање на училиштата. Доналд Трамп, од другата страна на Атлантикот, има своја дијагноза. На Truth Social напиша дека ова „не е прашање на училиштата, туку на исламот кој сака да ја преземе некогаш големата земја“, и сè го припиша на „неконтролираната масовна миграција“. Петнаесетгодишник без шака и 215 повредени ученици, а еден од најмоќните луѓе на светот во сето тоа гледа само уште еден аргумент за својата омилена тема.

Француските власти најавуваат мерки за подобрување на условите во образованието, но протестите засега не стивнуваат. Барем признаа дека проблемот е во училиштата, а не само на улицата. Колку влади на Балканот, кога младите ќе излезат пред зградите, би избрале дијалог – а колку само уште полиција?