Skip to content

Половина Италија под клуч: Како јавната плажа стана приватен бизнис

1 мин. читање
Сподели
Половина Италија под клуч: Како јавната плажа стана приватен бизнис

Замислете да дојдете на море и да сфатите дека речиси половина од брегот има сопственик – со ѕид, порта и наплата на влез. Тоа не е дистопија, туку италијанското лето. И додека Јадранот од двете страни го живее истиот притисок, приказната за тоа како јавната плажа станува приватен бизнис вреди да се прочита до крај.

Речиси половина од италијанскиот брег е приватизиран преку таканаречените „concessioni balneari” – концесии за плажи што предизвикуваат сè поостри судири меѓу приватните оператори и активистите што бараат слободен пристап до морето. Според извештај на Legambiente од 2022 година, приватни фирми контролираат околу 43 отсто од песочните брегови, а Италија има околу 30.000 капалишта.

Во некои места приватизацијата е екстремна. Во Форте деи Марми дури 94 отсто од општинските плажи се издадени под концесија, во Пјетрасанта 98,8 отсто, а во Камајоре 98,4 отсто. Гатео а Маре порано немаше ниту еден слободен метар плажа – дури по протести на граѓаните беа обезбедени само 10 метри од вкупно 700.

Цената на „бесплатното” море е конкретна. За чадор и два лежала во Милано Маритима се плаќаат 30 евра кај баровите, а до самата вода цената скока на 60 евра. Данило Руџеро, директор на кампањата „Mare Libero”, плажите ги опишува како „мали ресорти со ресторани, паркинзи, базени и други содржини”, а брегот на Остија го споредува со „обединети капалишни држави” заградени со ѕидови, порти и живи огради.

Кога морето мириса на Камора

Приказната не е само за скапи чадори. Во Баколи, на северозападниот раб на Неаполскиот залив, плажите долго беа под сенка на организираниот криминал. Градоначалникот Џоси Џерардо Дела Раџоне со години се бори против нелегалните објекти. Вила Ферети, вила од 19 век, беше под контрола на кланот Паријанте од Камора сè додека не беше запленета и претворена во јавен парк.

Дел од брегот, пак, е под воена контрола – на плажата Мизено околу 100.000 квадратни метри се резервирани исклучиво за морнарицата, воздухопловството, армијата, крајбрежната стража и финансиската полиција.

Државата добива трошки, операторите милијарди

Бројките ја откриваат вистинската размера на неправдата. До 2020 година, минималната годишна закупнина за концесија на плажа изнесуваше само 364 евра. Според Ревизорскиот суд, државата годишно прибираше 101,7 милиони евра, додека индустријата генерираше меѓу 7 и 8 милијарди евра приход. Закупнините потоа беа кренати на 3.225,50 евра годишно, но активистите велат дека тоа не го решава суштинскиот проблем – операторите и понатаму се однесуваат кон плажите како кон своја приватна сопственост.

Европската унија со години притиска. Директивата Болкештајн од 2006 година бараше концесиите да се доделуваат преку јавен тендер, но италијанските влади постојано го одложуваа исполнувањето – рокот се поместуваше на 2012, 2015, 2020, а во 2018 статус квото беше продолжено сè до 2033 година. Класична балканска техника: закон постои, но секогаш има уште еден рок.

Поделбата е и политичка. Левицата плажите ги гледа како јавно добро и право на граѓаните, десницата концесиите ги брани како витална туристичка инфраструктура – туризмот носи 9,6 отсто од италијанскиот БДП. Џорџа Мелони и Матео Салвини не го критикуваат системот. Синдикатот на операторите тврди дека тие ја зголемуваат безбедноста преку спасители, а неговиот претседател Антонио Капакионе вели дека Италија има упола помалку жртви од давење од Франција токму поради овој модел. Активистите возвраќаат: јавниот ресурс им носи профит на приватниците, а на граѓаните им останува само погледот кон морето – зад платена ограда.