Skip to content

Мицкоски: На Македонија ѝ треба силна опозиција – па ги прогласи сите опозициски партии за слаби

1 мин. читање
Сподели
Мицкоски: На Македонија ѝ треба силна опозиција – па ги прогласи сите опозициски партии за слаби

„На Македонија ѝ е потребна силна опозиција“, рече премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско интервју од Њујорк. Веднаш потоа објасни, партија по партија, зошто таква опозиција, според него, во моментов нема.

Платформата 12:05

Прв на ред беше „Разговори за иднината во 12:05“, групата во СДСМ што се залага за смена на лидерот Венко Филипче. Мицкоски им замери што тврдат дека граѓаните гласале за ВМРО-ДПМНЕ затоа што немале друг избор. „Јас жалам што дури и оваа алтернатива, којашто се претставува дека е алтернатива на опозицијата, повторно го потценува народот и го навредува со тоа што го прави кусоглед“, рече тој. И заклучи: „И во животот и во политиката немате втора шанса за прв впечаток.“

Мицкоски всушност одговараше на новинарско прашање за тврдењето на Филипче дека членовите на платформата се платени од власта и работат за премиерот. На тој дел одговорот беше дека се работи за „внатрешни работи“ на СДСМ во кои тој не сака да се меша.

ДУИ, Левица и „скандалите“

За опозициската коалиција предводена од ДУИ рече дека се тоа „стари, истрошени структури“ чии перформанси ги знаеме повеќе од 20 години. За Левица, дека во двете институции во Град Скопје каде имала можност да покаже нешто оставила „блед или никаков впечаток“, и дека таму има група од „десетина, 15, 20 луѓе“ задоволни од годишното финансирање, кои „три-четири пати одат на море до нашиот јужен сосед“. За раководството на СДСМ рече дека на дневна основа „си смислува приказни“ и ги брендира како скандали „големи, мали, средни“.

Премиерот како опозициски аналитичар

Интересно е колку време премиерот посветува на партиите што, според неговите зборови, не се доволно сериозни за да бидат алтернатива. Кога власта ѝ дели оценки на опозицијата и ѝ кажува каква би требало да биде, вреди да се праша: дали силната опозиција што Мицкоски ја посакува е онаа што ќе ја критикува власта, или онаа што ќе му се допаѓа на премиерот?

Силната опозиција, по дефиниција, не чека оценка од премиерот.