Skip to content

Една недела по приказната за полициска бруталност, МВР со своја верзија: совозачот му го одзел пиштолот на полицаецот

1 мин. читање
Сподели
Една недела по приказната за полициска бруталност, МВР со своја верзија: совозачот му го одзел пиштолот на полицаецот

Пред една недела јавноста слушаше приказна за две момчиња кои тврдат дека биле брутално малтретирани во полицијата во Сарај. Викендов МВР објави дека шестмина полицајци ќе бидат суспендирани и ќе одговараат дисциплински поради „низа неправилности“. А вчера, точно седум дена по настанот, Министерството излезе со сосема поинаква слика – и со кривични пријави против самите момчиња.

Според МВР, на 7 октомври околу 20:25 часот на улицата „Црногорска“ во Скопје полицијата чекала во заседа возило „БМВ“, по оперативни сознанија дека таму ќе се купува и продава марихуана. Кога полицајците тргнале кон автомобилот, возачот го стартувал, удрил во бандера и низ прозорецот фрлил кеса со марихуана. Еден полицаец го извадил службениот пиштол и низ полуотворениот прозорец викнал „стој, полиција“ – а совозачот, тврди МВР, му го одзел пиштолот.

Следувала потера по „Ѓорче Петров“ кон автопатот Скопје – Тетово, со игнорирани звучни и светлосни сигнали и три предупредувачки истрели во воздух. „БМВ“-то на крајот удрило во банкината и се превртело. Возачот П.А. (24) и совозачот Е.П. (21) се лишени од слобода, пиштолот е вратен, а на теренот е најдена и кесата со марихуана.

Обвинителството сега има кривични пријави против двајцата за спречување службено лице во вршење службено дејствие и за пуштање во промет на наркотични дроги. Трета пријава, само за дрогата, е поднесена против лице со иницијали М.Т., за кое МВР вели дека е поврзано со случајот.

Двете приказни не се исклучуваат. Ако совозачот навистина му одзел пиштол на полицаец, тоа е тешко кривично дело. Но тоа не им дава право на полицајците подоцна да тепаат лица кои се веќе приведени и во нивни раце. Самото МВР признава дека Одделот за внатрешна контрола и понатаму проверува „евентуални неправилности“ во постапувањето – а шест суспендирани полицајци не се суспендираат поради ништо.

Затоа прашањето не е кој е повеќе виновен, туку зошто деталите за заседата, пиштолот и марихуаната дојдоа дури една недела подоцна, откако случајот веќе стана политичка тема. Дали МВР сето ова го знаело на 8 октомври? Ако го знаело, зошто молчеше? Ако не го знаело, што всушност проверуваше цела недела?

Конечниот одговор треба да го дадат обвинителството и судот, а не соопштенијата. Дотогаш јавноста има две верзии од една институција – и право да бара двете да бидат истражени до крај.