Skip to content

Кривична за поранешниот в.д. директор на УХМР: две фирми добиле речиси половина милион евра преку спорни набавки

0 мин. читање
Сподели
Кривична за поранешниот в.д. директор на УХМР: две фирми добиле речиси половина милион евра преку спорни набавки

Единицата за финансиски криминал при МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против девет физички и едно правно лице за злоупотреби при набавки во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Меѓу пријавените се осум вработени во институцијата, вклучително и тогашниот вршител на должноста директор И.Т. (53), управителот на фирма од Битола и фирма од Скопје, која е пријавена за фалсификување исправа.

Според МВР, на двете фирми им била овозможена противправна имотна корист од вкупно 30.026.836 денари, односно околу 488.000 евра. Најголемиот дел, 29.244.786 денари или околу 475.000 евра, отишол кај скопската фирма. Битолската, задолжена за печатење промотивни материјали и ситен инвентар, добила 782.050 денари, околу 12.715 евра.

Шемата, како што ја опишува полицијата, е учебничка. Во 2023 година в.д. директорот донел две посебни одлуки за набавка за еден настан, во различни периоди, иако однапред имал спецификација за вкупните потреби. Постапката потоа била спроведена врз основа на изменета спецификација по единечни количини. Записник од отворањето на понудите и извештај од постапката немало.

Комисијата, составена од претседател и двајца членови, според пријавата, знаела дека понудата на скопската фирма е задоцнета и не ги исполнува условите, а дека битолската е технички неисправна. Сепак предложила избор врз основа на „најниска цена“, иако понудувачот не понудил цена за сите ставки од техничката спецификација. Најниска цена без цени е вештина што ја нема во ниту еден учебник по економија.

Внатрешната контрола, според МВР, не ја запрела ниту исплатата. Службеничката што ја изготвила одлуката и уште две лица ја одобриле, а потоа пуштиле во реализација фактура без придружни докази и со измислени коефициенти. Контролорката од Секторот за финансии ставила потпис без задолжителната претходна финансиска проверка. Управителот на скопската фирма, кој во меѓувреме починал, доставувал фактури што не одговарале ниту на понудените цени ниту на обемот на извршените услуги.

Пријавените се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување во соизвршителство, а фирмата од Скопје за фалсификување исправа. Кривичната пријава не значи утврдена вина, сега е на потег обвинителството.

Прашањето што останува е поширокото. Двете набавки поминале низ директор, тричлена комисија, три лица што ја изготвиле и одобриле одлуката и контролорка за финансии. Ниту еден филтер не реагирал. Ако контролата во државна институција се сведува на потписи што никој не ги чита, колку други фактури со измислени коефициенти чекаат некој полицаец да ги отвори?