Skip to content

1.535 жалби за тендери, 637 уважени: Комисијата ги обвини адвокатите, но не кажа кои институции најчесто губат

1 мин. читање
Сподели
1.535 жалби за тендери, 637 уважени: Комисијата ги обвини адвокатите, но не кажа кои институции најчесто губат

Во 2025 година до Државната комисија за жалби по јавни набавки стигнале 1.535 жалби. Тоа е скок од над 50 отсто во однос на претходните години – во 2024 и 2023 се работело со околу илјада предмети, а во 2022 биле поднесени 837. Комисијата, во сопствениот годишен извештај, овој процент го нарекува „неверојатен” и признава дека нема конкретно објаснување за него.

Нема конкретно објаснување, но има виновник. Адвокатите, вели Комисијата, „ловат во матно”.

„Професионалните жалители”

Според извештајот, порастот се должи на субјекти кои поднесуваат жалби по тендерска документација без реална намера да учествуваат во постапката. Целта, тврди Комисијата, е наплата на трошоци за адвокатско застапување во случај жалбата да биде уважена. Комисијата смета и дека надоместокот за поднесување жалба – од 50 до 200 евра, зависно од проценетата вредност на тендерот – е премногу низок и треба да се зголеми.

Претпоставката е јасна: премногу луѓе се жалат, и тоа од користољубие. Решението кое се сугерира е исто толку јасно: нека биде поскапо да се жалиш.

Бројката што ја руши приказната

Од 1.535 поднесени жалби, 637 биле уважени. Позитивно решени. Тоа значи дека во речиси секој трет случај фирмата што се жалела – била во право.

Од 1.405 решени предмети, 637 се уважени, 475 се одбиени, а 151 отфрлени. Ако се работеше исклучиво за адвокати што ловат во матно, стапката на успех ќе беше маргинална. Стапка од околу 45 отсто уважени жалби меѓу решените предмети не кажува дека фирмите се измамници. Кажува дека тендерите често навистина не се спроведени како што треба.

Тоа е другата, помалку удобна половина од истата статистика – и таа не влезе во заклучокот на извештајот.

Што намерно недостасува

Комисијата во последниот годишен извештај не објавува против кои државни органи се поднесени најмногу приговори при спроведувањето на јавните набавки.

Ова е податок што Комисијата го има. Тоа не е податок што бара нова истрага, нова методологија или дополнителен буџет – тој едноставно се брои. Наместо тоа, објавена е анализа за мотивите на адвокатите.

Значи, знаеме дека има професионални жалители. Не знаеме кој институција најчесто губи жалба. Едно име го нема, другото се именува со прекар.

Кој ја плаќа сметката на крајот

Секој од овие 1.535 предмети значи запрена или одложена набавка – компјутери, возила, медицинска опрема, градежни работи. Секое одложување е трошок што излегува од истиот буџет што и го финансира тендерот.

Ако надоместокот за жалба се зголеми како што предлага Комисијата, помалку фирми ќе се жалат. Меѓу нив ќе има и од оние 637 што биле во право. Тоа не се вика намалување на злоупотребата – тоа се вика поскапување на правото на приговор.