Skip to content

Бизнисот со отпад врти 120 милиони евра, а 90 отсто од ѓубрето сепак завршува на депонија: собираме, Бугарија рециклира

1 мин. читање
Сподели
Бизнисот со отпад врти 120 милиони евра, а 90 отсто од ѓубрето сепак завршува на депонија: собираме, Бугарија рециклира

За едни е отпад, за други – бизнис со девет цифри. Додека ѓубрето по улиците и депониите останува секојдневна слика, зад контејнерите стои индустрија што годишно врти над 120 милиони евра. И додека парите растат, рециклирањето стои на место – деведесет проценти од собраниот отпад во земјава сè уште завршува на депонија, каде природата и здравјето плаќаат сметка што никаде не се книжи.

Бројките за секторот се впечатливи. Лани компаниите за собирање и обработка на отпад инкасирале 120,2 милиони евра приход. Прометот е за 3,36 отсто помал од претходната година, но добивката пораснала за 7,1 отсто и достигнала 4,6 милиони евра. Сето тоа го одработиле 168 компании, а десетте најприходни зеле речиси 59 отсто од целиот колач.

Листата ја предводи скопското ЈП Комунална хигиена со 23,4 милиони евра – најголемиот играч и носител на јавната услуга во главниот град. Веднаш зад нив се тетовскиот Текнометал, што повеќе од двојно го зголеми приходот на речиси 12 милиони евра, а во првата десетка доминираат токму јавните комунални претпријатија – од Кавадарци и Прилеп до Охрид и депонијата Дрисла.

Пари има, рециклирање – малку

Тука е парадоксот. Индустријата е профитабилна, а системот за управување со отпад заостанува. Во Македонија годишно се создаваат околу 791.000 тони комунален отпад, а се собираат околу 637.000. Од собраното, речиси 90 отсто оди право на депонија – без селекција, без рециклирање, без враќање во економскиот циклус.

Дури и таму каде има напредок, зависиме од други. Од стаклената амбалажа што се пушта на пазарот, преку системот на Пакомак се собираат и рециклираат околу 45 отсто – податок со кој навистина можеме да се пофалиме за држава надвор од ЕУ. Но има квака: речиси целото собрано стакло се носи во фабрики во Бугарија. Ние го собираме, тие го преработуваат – и додадената вредност оди преку граница.

Европската опомена веќе тропа на вратата. Брисел неодамна покрена постапка против Португалија поради неисполнети цели за рециклирање, со можност за финансиски казни. Македонија сè уште не е членка, но случајот е јасен сигнал – со новите цели за 2030 и 2035, ефикасниот систем за отпад повеќе не е избор, туку услов за влез.

Затоа сликата е двојна. Бизнисот со отпад цвета, десетина фирми делат милиони, но самиот отпад во најголем дел завршува закопан. Прашањето за граѓанинот што секое утро го изнесува ѓубрето е едноставно: ако индустријата врти 120 милиони, зошто сè уште живееме опкружени со депонии?