Skip to content

Електрични автобуси за Скопје – но тендерот е уште во жалба, а Момин Поток е на 75 отсто

1 мин. читање
Сподели
Електрични автобуси за Скопје – но тендерот е уште во жалба, а Момин Поток е на 75 отсто

Кон крајот на август Град Скопје и повеќе големи општини во државата ќе добијат нови комунални камиони, цистерни и метларки, а тендерот за електрични автобуси е во завршна фаза со правни и жалбени постапки. Тоа најави премиерот Христијан Мицкоски од градилиштето кај Момин Поток.

Тендерската постапка за комуналната опрема е финализирана, а промоцијата ќе се направи во соработка со Министерството за транспорт. За електричните автобуси, како што појаснуваат од Владата, паралелно се одвиваат завршните правни процедури и жалбените постапки.

Тоа „паралелно” е зборот што вреди да се задржи. Жалбена постапка во јавна набавка во Македонија не е формалност – таа може да трае месеци и да го врати тендерот на почеток. Најава за електрични автобуси кои сè уште се во жалба не е набавка, туку намера.

Момин Поток: 75 отсто и уште една Нова година

За надвозникот кај Момин Поток, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека 75 отсто од градежните работи се реализирани и, како што ветил, до Нова година тој дел ќе биде целосно завршен. Експропријациите се сто отсто решени и граѓаните исплатени од Град Скопје. Проектот вклучува и два километри потпорни ѕидови, патеки за пешаци и за велосипедисти, а Владата дала 60 милиони денари.

Проектот започна во јули 2021 година и беше претставен како една од најголемите инфраструктурни инвестиции во Скопје. Пет години подоцна е на 75 отсто. Тоа не е катастрофа за проект од таква големина, но ниту е брзина за која вреди да се свикува прес-конференција – и токму затоа секое ново „до Нова година” се слуша со резерва.

Во Скопје во тек се пет мостови. До крајот на годината треба да бидат завршени проширувањето на мостот на Серава и мостот на улицата Љубљанска. Интензивно се работи на булеварот „Борис Трајковски”, а во август почнува изградба на мост што ќе ги поврзе Гази Баба и Аеродром.

Списокот е долг и сериозен. Проверката е едноставна: кон крајот на август ќе се види колку камиони, цистерни и метларки навистина влегле во Скопје, а на Нова година ќе се види дали Момин Поток е поминат или сè уште е градилиште со проценти.