Skip to content

Првите 30 електрични автобуси во декември, останатите 120 за година и половина: тендерот што секој пат почнува со зборот „конечно“

1 мин. читање
Сподели
Првите 30 електрични автобуси во декември, останатите 120 за година и половина: тендерот што секој пат почнува со зборот „конечно“

Тендерот за 150 нови електрични автобуси конечно е завршен. Жалбата што го држеше процесот е отфрлена од Второстепената комисија за жалби по јавни набавки, следува потпишување на договорот, а вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека првите 30 возила треба да стигнат во декември или во јануари.

Останатите доаѓаат на рати. Според јавната набавка, следните 60 автобуси се предвидени во рок од 12 месеци, и уште 60 во рок од 18 месеци. Значи целата испорака завршува за година и половина – под услов ниту еден чекор понатаму да не запне. Рокот на испорака по договор е шест месеци од денот на потпишување, но Николоски вели дека неговото барање од понудувачот е првите автобуси да стигнат во декември.

Тука вреди да се потсети зошто оваа вест звучи познато. Набавката на нови автобуси за Скопје е приказна што трае со години, со тендери, жалби, поништувања и најави. Секое соопштение почнува со зборот „конечно”. Значи ќе бројме од декември.

Градскиот воз тргнува од 1 септември

Истиот ден министерот соопшти и дека градежните работи за Градскиот воз се во финална фаза и дека до 21 август треба да има технички прием на првата делница – од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Аеродром и Кисела Вода до Железничката станица. Возниот ред ќе се утврди на координација меѓу Министерството, Железници, Град Скопје и ЈСП, при што, како што рече, ќе се земат предвид потребите на средношколците и студентите. Во функција ќе бидат најмалку три гарнитури – две електрични и една дизел.

Автопатот Кичево – Охрид, пак, треба да заврши во првиот квартал на 2027 година, а точниот месец, вели Николоски, зависи од зимата: при блага зима можеби јануари, при остра можеби март, бидејќи се работи за планински терен. „Веќе зборуваме за месеци кога ќе се заврши, а не за години и децении”, изјави тој, најавувајќи дека по завршувањето ќе ги презентира сите факти и проблеми со проектот од изминатите две години. За автопат чија изградба се влече повеќе од една деценија, преминот од децении на месеци е напредок што сепак вреди да се измери кога ќе се пресече лентата.

Кражба како од филм

Во истата изјава министерот се осврна и на кражбата во електровлечната потстаница Драчево од пред две недели, со проценета штета помеѓу три и пет милиони евра врз критичната железничка инфраструктура. Опишува операција што бара механизација: исечена високонапонска струја и подигнати трансформатори од 27 тони, со цел да се извади бакарот и да се продаде на црниот пазар, бидејќи бакарот на светските берзи има висока цена.

„Не може повеќе од 20-30 луѓе во државата да ја направат”, рече Николоски, додавајќи дека МВР истражува и дека се врши инспекција на сите отпади за железо и метали. Ако кругот на можни сторители е толку тесен колку што тврди министерот, тогаш прашањето не е кој можел, туку колку време ќе биде потребно.