Skip to content

Вучиќ пред ОН: Поредокот на Повелбата не постои, а го срушија тие што го признаа Косово

1 мин. читање
Сподели
Вучиќ пред ОН: Поредокот на Повелбата не постои, а го срушија тие што го признаа Косово

Александар Вучиќ говореше на генералната дебата на 81. заседание на Генералното собрание на ОН и уште во воведот ја оспори темата на овогодинешното заседание – „Обновување на довербата, управување со трансформацијата: Обединети нации што носат резултати за сите“. Со довербата се согласи. Со трансформацијата не, бидејќи таа, според него, веќе се случила.

„Меѓународниот систем каков што го знаевме е срушен. Не постои“, рече српскиот претседател. На негово место, според Вучиќ, се раѓа поредок со два главни центра на моќ и сè повеќе силни регионални играчи. Судирите сè почесто се водат со економски притисоци, технолошки ограничувања, борба за ресурси и пазари, сајбер-напади и дезинформации. „Границата меѓу мирот и судирот станува сè помалку јасна“, додаде тој.

Потоа дојде делот заради кој говорот беше напишан. Вучиќ ги обвини државите што во последните два дена од истата говорница повикувале на почитување на Повелбата на ОН, особено кога станува збор за војната во Украина, дека безобразно молчат за тоа што самите учествувале во нејзиното газење. „Тука мислам на сите земји што ја признаа еднострано прогласената независност на т.н. Косово“, рече тој, додавајќи дека тие се обиделе да одземат 14 отсто од територијата на Србија.

Вучиќ се врати и на 1999 година. Единствената официјална причина за нападот на 19 земји од НАТО врз тогашна Југославија, рече, била да се спречи можна хуманитарна катастрофа. „Хуманитарната катастрофа не се случи“, порача тој, тврдејќи дека вистинската цел била конечно да се сруши поредокот на ОН воспоставен по Втората светска војна.

Најискрената реченица во говорот не беше за Косово, туку за просторот што им останува на малите. „За малите и средни држави, како што е Србија, таквата околина претставува огромен предизвик. Просторот за самостојно одлучување станува сè потесен, а притисоците државите да се определат за една страна се сè поголеми.“ Која мала држава во регионот не ја препознава истата дилема?

Но говорот за правилата што не важат за сите најдобро се мери дома. Во текот на истата генерална дебата, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ од таа говорница ги спомна државните почести на погребот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ. Ако стандардите мора да важат за сите, дали Белград е подготвен тоа да го прифати и кога прашањето е неговото сопствено минато?