Skip to content

Инфлацијата во септември 2,7%: Месечно цените мируваа, но храната поскапе втор месец по ред

1 мин. читање
Сподели
Инфлацијата во септември 2,7%: Месечно цените мируваа, но храната поскапе втор месец по ред

Годишната инфлација во септември изнесува 2,7 проценти, објави Државниот завод за статистика. Во однос на август, вкупните трошоци на животот останале непроменети. На прв поглед – мирен месец. Под просечната бројка, сепак, цените се движеле во спротивни насоки, а храната повторно е на страната што поскапува.

Храната и безалкохолните пијалаци во септември поскапеле за 0,5 проценти во однос на август. Таков месечен раст беше регистриран и во август. За домаќинствата што најголем дел од платата го оставаат во маркет, тоа е бројката што се чувствува, а не просекот.

Транспортот поевтини, покуќнината поскапе

Нулата на месечно ниво е збир на плусеви и минуси. Најголем месечен пад има кај рекреацијата, спортот и културата, за 3,7 проценти, и кај транспортот, за 3,4 проценти. Најголем раст е забележан кај покуќнината, опремата и одржувањето на домаќинствата, за 1,3 проценти, а поскапеле и личната нега (0,5), образованието (0,4), облеката и обувките (0,3) и домувањето со водата, струјата и горивата (0,2 проценти).

На годишно ниво сликата е поостра: алкохолните пијалаци и тутунот поскапеле за 6,5 проценти во однос на лани, рекреацијата и културата за 6,3, а угостителството и хотелиерството за 5,8 проценти.

Трендот е благо нагорен

По 2,3 проценти во јули и 2,6 во август, септември донесе 2,7. Инфлацијата е под 3 проценти, но два месеца по ред се движи нагоре.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, е задоволен. „Очекувам да бидеме земја каде што ќе има, ако не најниска, меѓу најниските две-три инфлации во регионот и Европа“, рече тој, наведувајќи дека според процената објавена во ЕУ, инфлацијата во еврозоната во септември е 3,8 проценти. Според проценките на Државниот пазарен инспекторат што ги цитираше, годишната инфлација кај храната треба да биде меѓу 1,5 и 2 проценти.

Споредбата со Европа е утешна на хартија. Но пензионерот во Куманово не купува леб по просекот на еврозоната. Ако храната поскапува втор месец по ред, кога ќе стигне ред и таа бројка да влезе во говорите?