Skip to content

Софија го прими Муцунски, а следниот ден му одговори од говорница: „Повторно договарање не може да има“

1 мин. читање
Сподели
Софија го прими Муцунски, а следниот ден му одговори од говорница: „Повторно договарање не може да има“

Средбата во Софија беше договорена на предлог на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која минатата недела ја посети Македонија. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски седна со бугарската колешка Велислава Петрова-Чамова на 8 октомври. Нејзиниот вистински одговор стигна следниот ден – не на маса со Муцунски, туку од говорницата на бугарското Народно собрание, на прашање од пратеник на партијата „Преродба“.

„Бугарија не учествува во консултации за повторно преговарање за преземените обврски со Скопје. Нема потреба од никакви преговори за повторно договарање, бидејќи таквите преговори се неприфатливи за нашата земја, како и какво било посредништво на оваа тема. Повторно договарање не може да има“, порача Петрова-Чамова.

Софија ги затвори сите врати

Софија одби повторно договарање. Одби уставни измени со одложено дејство – формулата што требаше да ѝ даде на Македонија сигурност дека по внесувањето на Бугарите во Уставот нема да следува нов круг барања. И категорично се спротивстави на квалификувано мнозинство во процесот на проширување, иницијатива што премиерот Христијан Мицкоски ја поздрави како знак дека во ЕУ се гледа штетата од злоупотребата на ветото.

Бугарската министерка оди и чекор понатаму: тврдењата за репреговарање ги нарече неосновани и рече дека тие можат да се објаснат со „внатрешнополитички цели во Скопје“. Како единствен пат го посочи договорот од 2022 година, а внесувањето на Бугарите во Уставот како прв неопходен чекор.

Суштината е предвидливоста

Муцунски по средбата ја опиша атмосферата како позитивна, но позициите како далечни, а довербата како ниска. Ниту едно од крупните прашања не е решено. Суштината на спорот е предвидливоста: Скопје бара гаранција дека исполнувањето на еден услов нема да отвори нови барања за историјата, идентитетот или јазикот. Петрова-Чамова одговара дека земја членка не може однапред да гарантира како ќе тече целиот пристапен процес.

Со други зборови, од Македонија се бара да го направи првиот чекор, без никаква гаранција за следниот. Во Софија Муцунски се сретна и со еврокомесарката Марта Кос, која пренесе сериозен интерес на Комисијата за деблокада, а следниот ден пред холандските амбасадори зборуваше за процес „заснован на заслуги“.

Брисел ги донесе двете страни на разговор. Софија го искористи своето собрание за да каже дека разговор за суштината нема да има. Ако европскиот посредник не може да издејствува ни разговор за гаранции, кој тогаш ќе ја гарантира предвидливоста за која зборува Скопје?