Skip to content

Хрватска ја кочи Црна Гора пред вратата на ЕУ, а Кнежевиќ повикува на востание

1 мин. читање
Сподели
Хрватска ја кочи Црна Гора пред вратата на ЕУ, а Кнежевиќ повикува на востание

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ одговори на повикот за востание што го упати просрпскиот црногорски политичар Милан Кнежевиќ поради хрватските барања во преговорите на Црна Гора со Европската унија. Пленковиќ рече дека не верува оти државниот врв во Подгорица би застанал зад вакви предлози: „Не гледам баш дека премиерот, претседателот на државата или министерот за надворешни работи би ги следеле ваквите брилијантни идеи.“

Кнежевиќ, претседател на Демократската народна партија и пратеник во црногорското собрание, порача дека ако владата ги прифати хрватските барања, „ќе мораме да се самоорганизираме, немаме друг избор“. Тој е против какви било отстапки околу границата, школскиот брод „Јадран“ и воената отштета. Во истиот говор отиде и подалеку: „Господ да даде сите да ве качат на тој „Јадран“ и да ве пратат во Лора или да ве кренат во воздух.“

Станува збор за политичар кого Хрватска во 2024 година го прогласи за непожелна личност, откако црногорското собрание усвои резолуција за геноцидот во Јасеновац, Дахау и Маутхаузен. Овој пат ја нападна и црногорската власт затоа што го смени името на базенот во Котор, кој го носеше името на ватерполистот Зоран Џими Гопчевиќ – поврзуван со малтретирање на хрватски заробеници во логорот Морињ.

Осум барања и избришани рокови

Позадината е посериозна од зборовите на еден пратеник. Хрватска им презентираше на другите членки на ЕУ осум барања кон Црна Гора: шест се однесуваат на преговарачкото поглавје 23, кое ги опфаќа правосудството и основните права, а две на поглавјето 31, за надворешна, безбедносна и одбранбена политика. Меѓу отворените прашања се сопственоста врз школскиот брод „Јадран“, разграничувањето на Превлака, отштетата за жртвите на воените злосторства и други нерешени прашања од војните во деведесеттите.

Оваа недела Загреб покажа дека не зборува во празно. На барање на Пленковиќ, од заклучоците на Европскиот совет беа избришани роковите според кои Црна Гора требаше да договори затворање на сите преговарачки поглавја до крајот на годината и што побрзо да ја заврши изработката на пристапниот договор.

Пленковиќ упорно повторува дека Хрватска го поддржува влезот на Црна Гора во ЕУ и дека не сака да ја блокира – само очекува конкретни чекори во решавањето на долгогодишните спорови. Некои прашања, вели, можат брзо да се решат, а за други треба барем да почнат сериозни разговори. Ако тоа не се случи, патот на Подгорица кон Унијата би можел да биде побавен. Поддршка и услов во иста реченица – формула што на Балканот одамна ја знаеме напамет.

Македонија ја знае оваа сцена од прва рака: бугарското вето, протоколите, барањата за историја и идентитет вметнати во преговарачката рамка. Црна Гора досега важеше за предводник во регионот на патот кон Унијата. Дали токму сега ќе научи дека во ЕУ не влегуваш кога ќе ги исполниш критериумите, туку кога соседот ќе се согласи дека си ги исполнил?