Skip to content

Валандово со отчет за првата година пред партиски бекграунд: милиони за улици и водовод, а за наследениот долг од 60 милиони денари – ниту една бројка

1 мин. читање
Сподели
Валандово со отчет за првата година пред партиски бекграунд: милиони за улици и водовод, а за наследениот долг од 60 милиони денари – ниту една бројка

„Валандово не го менуваме со зборови, туку со дела“, порача градоначалникот Ѓоко Камчев на прес-конференцијата за првата година од мандатот. Ја одржа пред партиски бекграунд на ВМРО-ДПМНЕ, со слоганот „Македонија забрзува“ зад себе – па отчетот на една општина изгледаше повеќе како партиски настан отколку како сметка пред граѓаните.

Почетната точка е долгот. Камчев вели дека Општината ја презел со наследени обврски од над 60 милиони денари: Јавното претпријатие „Комунален сервис“ должело 45 милиони, а детската градинка „Калинка“ близу 5 милиони. Колку од тој долг е отплатен за една година – во отчетот бројка нема, само уверување дека се работи на „финансиска стабилизација“.

Списокот на проекти е долг. Реконструкција на дел од улицата „Маршал Тито“ за над 5 милиони денари, делницата Јосифово – Удово и влезовите во Валандово за околу 35 милиони преку Јавното претпријатие за државни патишта, трета фаза од водоводот во Калково за над 36 милиони со пари од Министерството за животна средина, енергетска ефикасност на општинската зграда и Домот на културата за над 23 милиони. Во Пирава е потпишан договор за нова градинка од 23 милиони денари, а училиштето во Брајковци е реконструирано со над 10 милиони преку унгарскиот кредит.

За учениците: по 4.000 денари за секое дете запишано во прво одделение и по 12.000 денари за секој запишан во прва година во СОУ „Гоце Делчев“. Во тек е и набавка на возило за отпад од 4,95 милиони денари и 50 нови контејнери.

Ако се погледне кој плаќа, голем дел од најкрупните ставки се државни пари – министерства, државни патишта, унгарскиот кредит. Тоа не е ништо лошо, но тогаш вистинското прашање за една година власт е она што отчетот го прескокна: колку од 60-те милиони долг се вратени и дали „Комунален сервис“ сè уште живее на минус?