Skip to content

Нов закон за почист воздух по 1,5 милиони евра од ЕУ: министерот Хоџа признава дека документите сами нема да го исчистат воздухот

1 мин. читање
Сподели
Нов закон за почист воздух по 1,5 милиони евра од ЕУ: министерот Хоџа признава дека документите сами нема да го исчистат воздухот

Две години, 1,5 милиони евра од Европската Унија и еден куп документи: нацрт-закон за квалитет на амбиенталниот воздух, седум нови подзаконски акти и измени на уште еден, планови за имплементација на три европски директиви. Тоа е резултатот од проектот „Поддршка во спроведувањето на директивите за квалитет на воздухот“, претставен на завршниот настан во Скопје – токму на прагот на грејната сезона.

Подготвени се и нацрт-национален план за квалитет на воздухот за 2027-2031 и национална програма за контрола на загадувањето за 2027-2037. Проектот препорачува и основање агенција за заштита на животната средина, каква што имаат европските држави.

Најискрената реченица ја кажа самиот министер за животна средина, Муамет Хоџа: „Подготвените закони, планови и анализи сами по себе нема да го исчистат воздухот. Вистинскиот тест е доследното спроведување на мерките и постигнувањето видливи резултати за граѓаните“. За тоа, вели, се потребни јасни одговорности, соодветно финансирање и координација меѓу централната и локалната власт, бидејќи ниедна институција не може сама да го реши проблемот.

Амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, потсети дека законот најпрвин треба да биде усвоен и доследно спроведуван, а потоа да се применат и подзаконските акти. Воздухот во ЕУ е почист, рече тој, поради правилата од Зелениот договор и казните што ги плаќаат загадувачите.

Тука е јазолот. Казни за загадувачи, јасни одговорности, пари за спроведување – тоа не се пишува во нацрт-документи, тоа бара политичка волја. Колку пати досега сме слушнале дека новите планови ќе го исчистат воздухот? Овојпат, кога ќе стигне законот во Собранието – ќе има ли некој кој ќе потпише и прва казна?