Skip to content

Од 88 отсто во мај до првиот слој асфалт во август: 850 метри што Драчево ги чека 14 години

1 мин. читање
Сподели
Од 88 отсто во мај до првиот слој асфалт во август: 850 метри што Драчево ги чека 14 години

Километарски колони до ОХИС, бавно движење и нервоза зад воланите. За жителите на Драчево, Зелениково и Студеничани тоа не е несреќен ден – тоа е секојдневие што трае со години, а во сообраќајниот шпиц колоните се протегаат по целиот влез кон овој дел од Скопје.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски најави дека асфалтирањето конечно се приближува. Според Град Скопје, трасата е ослободена, поставена е нова атмосферска канализација, а од едната страна е завршено тампонирањето, по што следува првиот слој асфалт. Станува збор за делница од околу 850 метри, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, со четири сообраќајни ленти и пешачко-велосипедска патека.

Три месеци или триесет години

Формулацијата со која беше соопштено ова заслужува внимание. „По три децении празни ветувања, за само нешто повеќе од три месеци ги решивме проблемите што ја кочеа изградбата”, порача Ѓорѓиевски преку видео на својот профил, додавајќи дека станува збор за голгота на повеќе од 100.000 граѓани.

Бројката од три месеци е точна за неговиот мандат. Проблемот е што истиот градоначалник уште во мај тврдеше дека работите одат побрзо од предвиденото и дека тогаш биле завршени околу 88 отсто од зафатот. Речиси три месеци подоцна, се најавува почеток на асфалтирањето. Значи од 88 отсто до првиот слој асфалт поминаа три месеци – за делница долга 850 метри.

Првата делница од овој ист булевар, од „Рампа” до крстосницата со „Народни херои”, долга 1.380 метри, беше завршена во октомври 2012 година. Четиринаесет години и четири градоначалници подоцна, останатиот дел сè уште не е готов.

Што видоа граѓаните на терен

Додека траат соопштенијата, фотографиите од самата делница покажуваат нешто друго – поставени знаци, блокада, и никакви активности на терен. Не работници, не машини. Само стеснет булевар и колона.

Од вчера пак започна и реконструкцијата на главниот мост над Маркова Река во Драчево, што значи дека истите тие возачи добија уште едно тесно грло на истиот правец, во исто време.

Никој од Драчево не оспорува дека булеварот треба да се доврши. Прашањето е поинакво: зошто соопштението за 88 отсто дојде во мај, а асфалтот доаѓа во август – и колку такви соопштенија ќе има пред делницата од 850 метри навистина да се отвори.