Skip to content

Градот брои прелетани хектари, а не и со што прскал: што недостига во програмата за комарци

1 мин. читање
Сподели
Градот брои прелетани хектари, а не и со што прскал: што недостига во програмата за комарци

43 регистрирани случаи. Четири смртни. И прогноза дека врвот допрва доаѓа – во септември.

Прогнозата ја даде лидерот на Левица, Димитар Апасиев, преку објава на Фејсбук, обвинувајќи ги надлежните дека доцнеле со прскањето против комарци и дека не ги исчистиле местата каде тие се размножуваат.

„Откај не испрскале на време за комарци у Скопје и закасниле месец дена, откај прскаат со нелиценцирано средство за авионско прскање, откај не ги исчистиле каналите, барите и мочуриштата со тиња кај што се ројат комарците“, напиша Апасиев.

Хартијата на градот

Пооструго од политичката реторика звучат документите. Советничката на Левица Дарја Мустафаоглу тврди дека самата документација на Град Скопје го демантира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Според неа, Годишната програма за превентивна дезинсекција за 2026 година не содржи динамика на третманите, датум на почеток на сезоната, средства со кои се прска, мерливи критериуми за интервенција ниту показатели за успех. Договорот со Центарот за јавно здравје – Скопје за теренска дезинсекција е потпишан на 10 јуни, иако техничката спецификација предвидува третмани што почнуваат порано. Договорот со Аероклуб Скопје е од 23 април, а ларвената сезона започнува во март.

Најнеугодниот дел: според Мустафаоглу, документацијата главно ги брои прелетаните хектари. Не и кое средство е употребено, во која количина, со која доза по хектар, со каков метод и со каков ефект. Левица поднела барање за слободен пристап до информации со 14 прашања за токму тие податоци.

Бројките што ги имаме

Според последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 18 август во земјава беа регистрирани 38 случаи – 36 потврдени и два веројатни, како и четири смртни случаи. На 21 август министерот Клековски информираше дека бројот пораснал на 43.

Пет нови случаи за три дена. Европскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека преносот на вирусот Западен Нил во Европа вообичаено го достигнува сезонскиот врв во август и на почетокот на септември. Значи ниту прогнозата на Апасиев е екстремна, ниту бројката од 43 е крајна.

Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец. Против комарец не се гласа – се прска, и се чисти таму каде се лежат јајцата. Едното е фотогенично и се брои во хектари. Другото е валкана работа во канал и не влегува во ниту едно соопштение.

Четири семејства веќе ја платија разликата помеѓу двете.