Skip to content

АфД на 40 отсто во Саксонија-Анхалт: Партијата под надзор на службата ја удвои поддршката

1 мин. читање
Сподели
АфД на 40 отсто во Саксонија-Анхалт: Партијата под надзор на службата ја удвои поддршката

Ангела Меркел излезе пред граѓаните со порака што пред десет години би звучела бизарно: мораме навистина да се бориме за демократијата. Изјавата дојде на собир во Берлин, една недела пред покраинските избори во Саксонија-Анхалт на 6 септември, каде Алтернатива за Германија води со околу 40 отсто.

– Верувам дека сега повторно мораме да направиме нешто што со децении не моравме – навистина да се бориме за оваа демократија, да застанеме зад неа, да бидеме малку храбри, да стоиме зад своите зборови – рече поранешната канцеларка.

Бројките зад повикот

Последниот ЗДФ Политбарометар ја става АфД на 40 отсто. ЦДУ на актуелниот покраински премиер Свен Шулце има 23. Левицата е на 13, СПД на девет, Зелените на шест, а ФДП и Сојузот на Сара Вагенкнехт на по три отсто – под цензусот. Анкетата е спроведена од 25 до 27 август на примерок од 1.053 гласачи.

Друго истражување ѝ дава на АфД дури 42 отсто, наспроти 22 за ЦДУ. При таква разлика, зависно од тоа колку партии ќе го поминат цензусот, се отвора и прашањето дали АфД може да се приближи до апсолутно мнозинство мандати. Кандидатот за премиер е 35-годишниот Улрих Зигмунд, кој се обидува партијата за првпат да ја доведе на чело на германска покраина.

Она што Меркел го призна, а другите го одбегнуваат

Најважната реченица од нејзиниот настап не беше повикот за храброст. Беше признанието дека растот на АфД повеќе не може да се објаснува со особеностите на некогашна Источна Германија.

– Тоа стана севкупно германски феномен – рече Меркел.

Партијата е и понатаму најсилна на исток, но во последниве години зајакна и во западните покраини. Меркел нагласи дека мнозинството Германци не гласаат за АфД – и веднаш потоа опиша каде партијата навистина победила: успеала да ги наметне темите околу кои се врти речиси целата политичка расправа. Според неа, АфД делумно успеал „од утро до вечер да ги определува сите наши разговори“, поради што сè помалку се слуша што другите партии всушност нудат.

Тоа е поразот што не се мери во проценти. Кога една партија ја пишува дневната агенда, останатите играат на нејзин терен дури и кога ја напаѓаат.

Партија под надзор што ја удвои поддршката

Покраинската служба за заштита на уставот уште во ноември 2023 година го класифицираше тамошниот огранок на АфД како „потврден десничарско-екстремистички стремеж“. По опсежна анализа заклучила дека политичкото дејствување на покраинската АфД удира во основните принципи на германскиот уставен поредок, вклучувајќи ја заштитата на човечкото достоинство и демократскиот принцип.

Партијата тоа го отфрла и тврди дека службите се користат за политичка борба против неа. Поведена е и судска постапка против класификацијата, чија главна фаза моментално мирува додека се чекаат одлуки во поврзани спорови на сојузно ниво.

А во меѓувреме – класификацијата не ја запре партијата. Во Саксонија-Анхалт АфД за неколку години практично ја удвои поддршката. Тоа е податокот вреден внимание: институционалната ознака „екстремистички“ не само што не одбила гласачи, туку течела паралелно со нивното удвојување.

Зошто ова се чита и оттука

Германија со децении беше земјата што на континентот ги држеше границите на дозволеното во политиката, и по чиј аршин се мереа сите други. Кога таа граница се поместува во земјата што ја поставила, прашањето не останува германско. Ако службата за заштита на уставот и мејнстрим политиката заедно не можат да свртат тренд, што точно останува како механизам?

Одговорот на тоа ќе го дадат гласачите на 6 септември – не аналитичарите.