Skip to content

Две смртоносни инјекции, а Криста Пајк е жива: Тенеси вели дека го почитувал протоколот

1 мин. читање
Сподели
Две смртоносни инјекции, а Криста Пајк е жива: Тенеси вели дека го почитувал протоколот

Во 20:26 по локално време на Криста Пајк ѝ биле вбризгани двете дози. Според нејзините адвокати, таа не ја изгубила свеста, а срцето продолжило да ѝ чука. Завесите пред комората за погубување биле спуштени двапати. Новинарите што присуствувале раскажуваат дека ја слушнале како се жали на болка и дека повеќепати ги мрдала нозете, симнувајќи го чаршафот со кој била покриена. Неколку минути пред тоа, според извештаите, рекла дека ќе си замине од светот онака како што живеела – сакајќи, и дека ова е среќен ден за неа. Наместо крај – возење до болница.

Пајк (50) требало да биде првата жена погубена во американската сојузна држава Тенеси по повеќе од 200 години. Наместо тоа, гувернерот Бил Ли нареди „сеопфатна ревизија“ за да се утврди што се случило и соопшти дека последното планирано погубување во државата годинава нема да се изврши. Државата, пак, тврди дека го следела „секој чекор од законскиот, утврден протокол за погубување“. Адвокатите на осудената возвраќаат дека Тенеси „повторно не спровел законско погубување“. Министерството за казнено-поправни установи потврди дека е пренесена на лекување, но за нејзината здравствена состојба засега нема информации.

Злосторството не е спорно

Ова не е приказна за невина жена. Пајк е осудена на смрт уште на 18 години, за убиството на 19-годишната Колин Слемер во 1995 година. Според полицијата, таа и двајца соучесници ја намамиле Слемер во напуштена електрана, каде ја мачеле и ја претепале до смрт. Пајк не ја оспорува својата улога. Нејзините адвокати тврдат дека поротата никогаш не слушнала за долгогодишното физичко и сексуално злоставување што го преживеала како дете и дека страда од посттрауматско стресно растројство. Гувернерот го одби барањето за помилување, а Врховниот суд на САД го отвори патот за погубувањето, откако апелациониот суд привремено го беше запрел.

Втор неуспех за една година

Ова е вториот неуспешен обид за погубување во Тенеси само годинава. Во мај, погубувањето на Тони Карутерс беше одложено откако извршителите не успеале да му најдат вена. Кога државата двапати во иста година не може да го изврши она што самата го нарекува прецизен и законски протокол, вината на Пајк престанува да биде главната тема. Под лупа е самата држава – и она што се случува во таа соба.

Америка оваа сцена веќе ја има видено. Во Алабама, Кенет Смит преживеа неуспешна смртоносна инјекција во 2022 година, за во 2024 да биде погубен со азот. Дали Пајк ја чека слична судбина, засега никој не кажува.

Од оваа страна на Атлантикот сето ова делува речиси нестварно. Македонија смртна казна нема уште од Уставот од 1991 година, а нејзиното укинување е услов за членство во Европската унија. Во САД расправата одамна се префрли од тоа дали државата смее да убива на тоа дали умее. Што кажува за еден систем тоа што „успешно погубување“ стана мерило за квалитет?