Skip to content

Филипче го нарече Мицкоски „комплетен идиот“ на ден пред посетата на фон дер Лајен

1 мин. читање
Сподели
Филипче го нарече Мицкоски „комплетен идиот“ на ден пред посетата на фон дер Лајен

Лидерот на најголемата опозициска партија, Венко Филипче, на партиска прес-конференција во Собранието, во пресрет на посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, го нарече премиерот Христијан Мицкоски „комплетен идиот“ кој зборува „будалштини“.

Поводот, барем според Филипче, беше Европа. „Не знам дали сте свесни каква политичка тежина има овој момент во кој, по 30 и кусур години, ние сме во ќор-сокак за Европа по желба лично на Христијан Мицкоски. До 2030 година е отворена вратата во Европа. Земји членки ќе станат Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија. Нас нè нема“, рече тој.

Одговорот од ВМРО-ДПМНЕ дојде по истиот рецепт, само со обратен знак. „Ова е говор на омраза и говор на човек кој очигледно се наоѓа во сериозна криза и сложена состојба“, реагираше координаторот на пратеничката група на владејачката партија, Никола Мицевски.

Собранието досега слушнало и „кокошка“, и „вошка“, и „стока“. Новиот Кодекс за однесување на пратениците очигледно не го стигна речникот. Комуникологот Бојан Кордалов предлага решение што звучи речиси наивно: правилник или закон со јасни казни за навредите. „Еве, за почеток, на собраниската говорница нека ги исцртаат сите зборови и нека покажат јасно дека работат со личен пример“, вели тој, предупредувајќи дека во спротивно секој нареден инцидент ќе биде „за чудење“.

Филипче истиот ден отвори фронт и во сопствената куќа. Платформата „12 и 5“ во СДСМ му одговори дека користи „крајно примитивен речник“ и дека „сè повеќе личи на неговиот поранешен работодавец Никола Груевски“.

И така, на ден кога Брисел доаѓа во Скопје, темата не е патоказот за кој Филипче тврди дека нас нè нема, ниту одговорот на Владата на тоа тврдење. Темата е еден збор. За опозицијата тоа е заглавје, за власта е алиби да не одговара на суштината. Кој сега ќе ја води дебатата што всушност е важна, ако главната тема во Собранието е кој кого како нарекол?