Skip to content

Девет години по пожарот, градинката „8 Април“ во Шуто Оризари доби 250 места – кадарот допрва ќе се вработува

0 мин. читање
Сподели
Девет години по пожарот, градинката „8 Април“ во Шуто Оризари доби 250 места – кадарот допрва ќе се вработува

На 1 март 2017 година градинката „8 Април“ во Шуто Оризари беше опожарена. Девет години подоцна, таа доби шест нови занимални со место за 250 деца. Со тоа, велат надлежните, во општината повеќе нема да има листа на чекање за упис во градинка.

Објектот е изграден според стандарди за енергетска ефикасност и целосна пристапност, а детските игралишта имаат и инклузивна опрема. Во обновата и опремувањето учествуваа амбасадите на Норвешка и Швајцарија и УНДП. Лентата ја пресекоа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, градоначалникот Курто Дудуш и амбасадорите Кристин Мелсом и Кристоф Сомер.

Занимални има, кадар уште нема

Има само еден детал: за да профункционира градинката во полн капацитет, потребни се луѓе. Мицкоски најави дека Владата „во најскоро време“ ќе даде согласност за вработување на стручен кадар, со што, како што рече, „сето она кое што е инвестирано и направено ќе биде ставено во функција“. Значи, 250 места постојат на хартија и во бетон – а воспитувачите допрва ќе се бараат.

„Навистина сум пресреќен што овој објект ја добива својата суштина, ја добива својата вистинска намена. А тоа е да биде дом за дечињата“, рече премиерот.

Од 4.500 до нула – „зависи од динамиката“

Мицкоски ја повтори и поголемата цел: „Ако бројката беше 4.500 на почетокот од мандатот на оваа Влада, целта е на крајот на мандатот од оваа Влада да имаме нула дечиња кои што ќе бидат на листа на чекање“. Додаде дека тоа можеби ќе се постигне и порано, „но сè зависи од динамиката на изградба на објектите“. Министерот Велковски за Скопје најави 16 нови објекти за предучилишно згрижување, со вкупен капацитет за повеќе од 2.100 деца.

Добрата вест е дека 250 деца од Шуто Оризари добиваат место. Полошата е што за тоа требаше речиси деценија, поддршка од две европски држави и УНДП. Ако една опожарена градинка се враќа девет години, колку реално е до крајот на мандатот листите на чекање низ целата држава да паднат на нула?