Skip to content

Софија: гаранции нема, само „политичка подготвеност“ – Муцунски се врати со признание дека позициите се „многу далечни“

1 мин. читање
Сподели
Софија: гаранции нема, само „политичка подготвеност“ – Муцунски се врати со признание дека позициите се „многу далечни“

Македонија бара гаранции дека по уставните измени нема да дојде нова блокада. Софија одговара дека гаранции нема и дека најдобрата гаранција е – да се исполни она што е запишано во преговарачката рамка. Тоа е, во една реченица, исходот од средбата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со бугарската колешка Велислава Петрова-Чамова во Софија.

Средбата се одржа на маргините на министерската конференција за Коридорот 8. Муцунски ја опиша како конструктивна и во „позитивен дух“, но не ја шминкаше суштината. „Морам да бидам апсолутно транспарентен и јасен, не е дека решивме некое суштинско прашање, позициите се сè уште многу далечни“, рече тој.

Недоверба со историја

Македонскиот министер го објасни и зошто Скопје бара гаранции. „Ние сме земја која низ годините постојано има билатерални барања и штом се затварало едно билатерално барање, потоа се отворало ново. Значи, таа недоверба постои“, рече Муцунски. Според него, прашањата поврзани со јазикот, идентитетот, историјата и културата не смеат да го оптоваруваат европскиот пат.

Петрова-Чамова не отстапи ни милиметар од рамката од 2022 година. Бугарија, вели, ја поддржува европската перспектива на Македонија, но очекува исполнување на преземените обврски, меѓу кои и уставните измени. „Ниту една земја членка не може да даде гаранции на ниту една друга држава кандидат за продолжување на процесот. Но она што може да го даде е политичката подготвеност да се придржува до преземените обврски“, рече таа. И додаде дека исполнувањето на обврските е „најдиректниот и гарантиран пат“.

Гаранција без гаранција

Да се разложи понудата: гаранции нема, но гарантиран пат има – ако го направите тоа што се бара. Македонија тоа го слуша од 2022 наваму, а Муцунски сега јавно кажува дека проблемот не е во една точка од договорот, туку во довербата дека по таа точка нема да дојде следната.

Двајцата министри се договорија дијалогот да продолжи. Дијалогот е секогаш подобар од тишина. Но кога едната страна вели „нема гаранции“, а другата „нема доверба“, за што точно ќе се разговара на следната средба?