Skip to content

Мицкоски го прифаќа ветингот, но со услов: прво опозицијата да одговори за членот 353, Дубаи и јахтата во Паљури

1 мин. читање
Сподели
Мицкоски го прифаќа ветингот, но со услов: прво опозицијата да одговори за членот 353, Дубаи и јахтата во Паљури

Ветинг сака секој. Барем така звучи оваа недела. СДСМ во својата нова програмска платформа најавува „ветинг до корен“, а премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема никаков проблем со тоа – нека се прошири и на семејствата, па ако треба и полиграф. Само, прво нека одговори опозицијата.

Што предлага опозицијата

СДСМ во платформата „Твоја држава – твоја шанса“ ветува проверка на потеклото на имотот на сите функционери од осамостојувањето во 1991 година до денес и конфискација на нелегално стекнатото. Потоа ветинг и во правосудството, со проверка на имотот и интегритетот на судиите и обвинителите, како и укинување на законските заштити и имунитетот. Лидерот Венко Филипче вели дека законот би ги опфатил сите функционери без исклучок, вклучително и него самиот, а проверката би ја правеле странски експерти.

Што одговара власта

Мицкоски прво рече дека за ветинг не мора да се чека закон. „Нека има предлог-закон, никој не го спори тоа. Но и сега може УЈП да направи ветинг“, изјави тој во Шуто Оризари, набројувајќи „златни визи на егзотични дестинации како Дубаи“, „скапи јахти на егејското крајбрежје“ и скапи автомобили во сопственост на фирми што добивале тендери за јаглен. Потоа го понуди полиграфот, „па таму секој од политичарите да каже колку крадел, како крадел, од оние од опозицијата, се разбира“.

Ден подоцна, во телевизиско интервју, тонот беше ист. Тој и неговото семејство, вели, биле целосно проверени уште додека власт беа СДСМ и ДУИ. „Но тоа не е битно“, продолжи премиерот, и ги постави своите услови во форма на прашања: зошто тие што веруваат во ветинг го сменија Кривичниот законик „со европско знаме“ и го избришаа членот 353, како се стекнува златна виза во Дубаи, какво влијание имал „Д3 витаминот на јахтата во Паљури“ и „како тинејџери стануваат сопственици на трговски центри“.

Ветинг – но за другите

Ако се извади реториката, останува ова: опозицијата сака закон што ќе ги провери сите, со странци што ќе го водат процесот. Власта вели дека алатките веќе постојат, но веднаш потоа кажува и кого очекува да го фати полиграфот. Двете страни го сакаат ветингот, но секоја е убедена дека на крајот ќе падне другата.

А УЈП, на која премиерот ѝ ја префрла топката, според неговите зборови ги има сите алатки уште сега. Ако може да провери „веднаш“, како што вели Мицкоски, зошто за тоа требаше да се чека нечија програмска платформа?

Премиерот, инаку, не ги исклучи ни предвремените избори. Владата има мандат од четири години, вели, но ако опозицијата побара, подготвени се. „Во политиката никогаш немојте да кажете никогаш.“