Skip to content

Софија ги одби уставните измени со одложено дејство, а Мицкоски се радува што „дијалогот почна“

1 мин. читање
Сподели
Софија ги одби уставните измени со одложено дејство, а Мицкоски се радува што „дијалогот почна“

„Во разговор, во дијалог, тоа е убавината на демократијата.“ Со оваа реченица премиерот Христијан Мицкоски одговори на прашањето каде го гледа излезот од блокадата со Бугарија. Само што, додека Скопје се радува на дијалогот, Софија веќе јавно кажа за што нема да се разговара.

Средбата на министрите за надворешни работи, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, се одржа во Софија на македонска иницијатива, по идеја на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Муцунски ја опиша како конструктивна и во позитивен дух, но призна дека не е решено ниту едно од суштинските прашања и дека позициите остануваат значително оддалечени.

Ден подоцна, пред бугарските пратеници, Петрова-Чамова го затвори просторот за толкувања. Бугарија, рече, не учествува во консултации за повторно преговарање на обврските што Македонија ги презела, а уставните измени со одложено дејство не се прифатливи. Внесувањето на Бугарите во Уставот е, според Софија, првиот неопходен чекор. Таа побарала и временска рамка за исполнување на обврските, на што, според нејзините зборови, добила одговор дека прво треба да се изгради доверба меѓу двете земји.

Владата во Скопје бара гаранции дека исполнувањето на еден услов нема да отвори нов круг билатерални барања за историјата, идентитетот или јазикот. Затоа Мицкоски го поздрави предлогот на Европската комисија од документот „Подготовка за поширока Унија“, кој ја разгледува можноста меѓучекорите во преговорите, како отворањето кластери, да се одлучуваат со квалификувано мнозинство, а едногласноста да остане само за конечниот прием. Владата во тоа гледа сличност со сопствениот предлог за одложено дејство. Софија е резервирана и кон квалификуваното мнозинство.

Значи, двете идеи со кои Скопје влезе во разговорот, Софија ги одби или ги дочека резервирано. На прашањето дали ќе има нова средба до декемврискиот самит на ЕУ, Мицкоски одговори: „Да оставиме процесот да се движи по природен пат. За сè што треба јавноста да знае, ќе знае навреме.“

Дијалогот е подобар од тишина, тоа никој не го спори. Но кога едната страна своите услови ги повторува од говорница во сопствениот парламент, ден по средбата, дијалогот повеќе личи на чекање. Ако „природниот пат“ на процесот се мери во самити, јавноста има право да праша: што точно ќе знаеме во декември, што не знаеме денеска?