Skip to content

Јолевски го презема Вишото обвинителство во Битола – четири години откако самиот го предложи осомничениот Везировски

1 мин. читање
Сподели
Јолевски го презема Вишото обвинителство во Битола – четири години откако самиот го предложи осомничениот Везировски

Во Вишото јавно обвинителство Битола се смени шефот, но не и луѓето околу кои се врти приказната. Советот на јавните обвинители на седницата во вторникот го назначи Антонио Јолевски за вршител на должноста виш јавен обвинител, на местото на Пецо Везировски – обвинителот против кого ОЈО за гонење организиран криминал и корупција на 7 октомври поведе постапка за примање награда за противзаконито влијание.

Одлуката дојде откако Основниот кривичен суд Скопје го извести Советот дека на Везировски му е определена мерка на претпазливост: забрана да ги врши работите на своето работно место. Советот ја стави вон сила одлуката со која тој беше в.д. раководител и на негово место го постави Јолевски.

Што се сомничи Везировски. Според обвинителството, со посебни истражни мерки се обезбедени докази дека го користел своето реално влијание и службената положба за да влијае врз колеги обвинители и судии во најмалку четири одделни предмети – за пониски казни или поповолна положба за осомничени и обвинети. Неговото име во јавноста се спомнуваше и во врска со враќањето на пасошот на бизнисменот Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, обвинет за злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“.

А кој е новиот. Јолевски е долгогодишен обвинител, поранешен раководител на Основното јавно обвинителство Битола и претседател на Советот на јавните обвинители од 2021 до 2023 година. Токму како претседател на тој Совет, во 2022 година, тој го предложи Везировски за в.д. раководител на Вишото обвинителство во Битола. Четири години подоцна – го наследува.

Неговиот мандат во Советот го одбележа и случајот со обвинителката Ленче Ристоска. Во декември 2023 година Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна продолжена дискриминација од страна на Советот при нејзиното професионално напредување. Јолевски го оспори тоа мислење пред Управниот суд, кој во јули 2024 ја одби неговата тужба. Во октомври 2024 тој беше избран за обвинител токму во Вишото обвинителство Битола.

Ништо од ова не значи дека Јолевски направил нешто незаконско. Но системот што треба да ја врати довербата во обвинителството на скандалот одговара со човекот што пред четири години го предложи осомничениот за таа функција. Кој во Советот се запрашал дали тоа е најдобриот избор? И дали правосудството навистина нема друго име освен оние што со години се ротираат по неговите фотелји?