Skip to content

Осумнаесет години од каменот до осветувањето: храмот што ја држи панорамата на Скопје

1 мин. читање
Сподели
Осумнаесет години од каменот до осветувањето: храмот што ја држи панорамата на Скопје

На 12 август 1990 година кон центарот на Скопје се слевале верници од целата држава и Македонци што живееле надвор од неа. По речиси две децении градба, требало да биде осветен новиот Соборен архиепископски храм „Свети Климент Охридски”. Триесет и шест години подоцна, тој е едно од најпрепознатливите обележја на градот.

Датумот не бил избран случајно. Во 1990 година се одбележувале 1.150 години од раѓањето на Свети Климент Охридски, а храмот го носи токму неговото име. Осветувањето го извршил тогашниот архиепископ охридски и македонски г. г. Гаврил, во сослужение со членови на Светиот архиерејски синод и повеќемина свештенослужители.

Бројките на една градба

Каменот-темелник е поставен на 23 април 1972 година, според проект на архитектот Славко Брезоски. Храмот е од ротонда тип, со димензии 36 на 36 метри, целосно составен од куполи и лакови. Внатрешната површина е околу 1.000 квадратни метри и собира близу 6.000 верници.

Иконостасот е изработен од дабово дрво со флорални мотиви, долг 19,5 метри и висок 12,5. Иконите се дело на Ѓорѓи Даневски и Спасе Спирковски. Под централната купола виси лустер тежок пет тони со околу 400 светла, а таму е и архиепископскиот престол висок 3,5 метри, со два дополнителни престоли од по два метра спроти него.

Осумнаесет години од каменот-темелник до осветувањето. Тоа е период во кој кај нас денес не може да се заврши ниту раскрсница – а станува збор за објект со шест илјади места под покрив од куполи и лакови, изведен во времето кога Скопје сè уште се обновуваше по земјотресот.

Наградата од Будимпешта

Годинава фасадата на храмот освои прво место на јавното гласање на натпреварот „Баумит лајф челенџ 2026″ одржан во Будимпешта. Признание доделено од европска публика за објект што ретко кога доаѓа до странските листи на архитектонски препораки.

Скопје има комплициран однос со сопствената архитектура. Градот е преполн со објекти изградени за да остават впечаток, и со многу малку што остава впечаток без да мора да објаснува зошто е таму. Соборниот храм е од втората група – не бара да биде забележан, но целата панорама на градот се врти околу неговите куполи.

Триесет и шест години по осветувањето, тој сè уште стои како она што бил замислен да биде. Тоа во Скопје не е мала работа.