Skip to content

Посвоените и понатаму без право да ги дознаат биолошките родители: Стразбур пресуди, а член 123-а сè уште стои

1 мин. читање
Сподели

„Податоците за заснованите посвојувања се службена тајна“. Тоа е целиот член 123-а од Законот за семејството, воведен во 2004 година. Една реченица што со години стои меѓу посвоените луѓе и прашањето кои им се биолошките родители.

Здружението „Градиме иднина“ бара членот да се укине и посвоените, по навршување на одредена возраст, да добијат увид во податоците за своето потекло. Претседателот Илија Јовановиќ вели дека еден од мотивите е да се спречи блиски роднини, без да знаат, да стапат во врска или брак, и тврди дека имало луѓе кои дури по венчавката, преку ДНК, дознале дека се брат и сестра. Конкретни документирани случаи во Македонија не беа презентирани.

Според проценката на здружението, во Македонија меѓусебно се бараат меѓу 90.000 и 95.000 лица поврзани со разделени биолошки семејства. Тоа е нивна бројка, а истражувањето допрва треба да им биде претставено на институциите. Јовановиќ зборува и за исчезната медицинска документација и податоци од родилиштата.

Паралелно, пратеничката група на ЗНАМ подготвува измени на Законот за семејството. Спорниот член, според пратеникот Павле Арсоски, „не е во најдобар интерес на посвоените деца, кои по дознавањето дека се посвоени, трагаат по своето потекло“.

Државата веќе изгуби на ова прашање. Во случајот „Митревска против Северна Македонија“, Европскиот суд за човекови права на 14 мај 2024 година едногласно утврди повреда на членот 8 од Конвенцијата, правото на почитување на приватниот и семејниот живот. Мирјана Митревска е единствениот случај во Македонија со добиена пресуда во Стразбур поради членот 123-а.

Министерството за социјална политика вели дека има формирано работна група за измени на Законот за семејството и дека меѓу другото се разгледува и членот 123-а. Рок не е даден, ниту модел според кој посвоените би добивале пристап до податоците. Колку пресуди од Стразбур се потребни за една реченица во закон да престане да биде поважна од правото на човекот да знае од каде потекнува?