Skip to content

Градски воз во три фази за 360 милиони: Скопје сонува, засега има ремонт и прекини

1 мин. читање
Сподели
Градски воз во три фази за 360 милиони: Скопје сонува, засега има ремонт и прекини

Скопје повторно сонува за градски воз. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека проектот „Градски воз” ќе се гради во три фази, со вкупна вредност од 360 милиони денари, електрични локомотиви и возови, и ветување дека ќе го „драстично намали користењето на приватни возила” во градот.

Првата фаза веќе започна и ја поврзува линијата Зелениково – Драчево – Лисиче – Кисела Вода – Аеродром – центар, со реконструкција на пругата и електрификација. Втората фаза ќе оди преку Миладиновци и Илинден до главната станица, а третата кон Скопје Север, Ѓорче и Волково. На хартија – модерна мрежа што може да го смени секојдневието на предградијата.

Засега, пак, реалноста е поскромна: поради ремонт на пругата Скопје-Зелениково, постојниот сообраќај привремено се менува, а патниците ќе мораат да се прилагодат на изменет распоред. Од иднина со електричен воз – до денешница со прекини. Така изгледа секој инфраструктурен проект во фаза на ветување.

Идејата за брз, удобен градски превоз што ги вади автомобилите од улиците не е нова – Скопје ја слуша со години, во различни верзии, од различни влади. Прашањето не е дали проектот звучи добро, туку дали овој пат трите фази ќе стигнат до крај или ќе останат, како толку други, заглавени некаде меѓу првата и втората фаза.