Skip to content

Скопски водовод: Водата во главниот град е безбедна за пиење – но Гостивар ја смени довербата

1 мин. читање
Сподели
Скопски водовод: Водата во главниот град е безбедна за пиење – но Гостивар ја смени довербата

По случајот со водата во Гостивар, меѓу скопјани почна да се шири тивка паника – и полни колички со флаширана вода во маркетите. Од скопскиот Водовод пораката е јасна: водата во главниот град е безбедна за пиење.

По неодамнешниот инцидент со водата за пиење во Гостивар, во главниот град започнаа да кружат неосновани гласини за наводна неисправност на водоводната мрежа и во Скопје. Водени од страв и од информации што брзо се шират „од човек од доверба“, сè повеќе граѓани деновиве купуваат флаширана вода.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје категорично ги отфрлаат шпекулациите. „Акредитираните лаборатории, согласно ИСО 17025 стандардот, секојдневно земаат примероци од 36 редовни мерни места во градот Скопје“, посочуваат од претпријатието. Во овој период од годината, во мониторингот е вклучен и бунарскиот потег Нерези-Лепенец. Сите испитани примероци, велат, ги задоволуваат критериумите од Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Претпријатието потсетува дека Скопје се снабдува со вода од еден од најквалитетните природни извори во регионот, кој е под постојан лабораториски и стручен надзор. Јавноста, додаваат, редовно и транспарентно се информира за исправноста на водата преку неделни извештаи.

И тука доаѓа до она што Гостивар навистина го смени – довербата. Кога еднаш ќе се појави сомнеж дека водата од чешмата не е безбедна, ниту еден извештај не се чита исто. Апелот на Водовод да не се подлегнува на непроверени извори е точен – но паниката не се раѓа од ништо. Таа се раѓа кога граѓаните веќе не се сигурни дали институциите ќе им кажат навреме ако нешто тргне наопаку. Скопската вода е безбедна. Прашањето што Гостивар го остави отворено е дали секогаш ќе бидеме известени навреме кога не е.