Skip to content

Вучиќ го праша Западот за 14-те отсто од Србија: Зошто важат едни правила за Украина, а други за нас

1 мин. читање
Сподели
Вучиќ го праша Западот за 14-те отсто од Србија: Зошто важат едни правила за Украина, а други за нас

Српскиот претседател Александар Вучиќ во едно подкаст гостување го постави прашањето што во западните канцеларии никој не сака да го слушне: зошто важат едни правила за Украина, а сосема други за Србија.

„Зошто зедовте 14 отсто од територијата на Србија која беше под гаранции на Повелбата на ОН и на резолуција на ОН? Тоа се случи по агресијата врз Србија од 19 земји на НАТО, без одобрение на Советот за безбедност на ОН”, изјави Вучиќ.

Формулацијата е остра, но аргументот не е нов – тој е истиот што Белград го повторува од 1999 година наваму. Новото е контекстот: тој аргумент денес се изговара во свет во кој територијалниот интегритет одеднаш стана највисоката вредност на западната дипломатија, откако Русија го наруши интегритетот на Украина.

Вучиќ тоа го нарече отворање на Пандорината кутија. Истовремено изјави дека Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина, но додаде дека има право да каже оти покрај тоа мора да се постигне и мир преку компромис. Позиција што сака да седи на две столици – а во моментов очигледно успева.

Бриселскиот договор што остана хартија

Тука Вучиќ го извади најсилниот адут: Бриселскиот договор од 2013 година, кој ЕУ лично го гарантираше, а клучната одредба – формирањето на Заедницата на српски општини – никогаш не беше спроведена. Кога една страна не го исполнува договореното со години, а гарантот молчи, што вреди гаранцијата?

За ЕУ интеграциите Вучиќ остана резервиран. Членството останува стратешка цел, изјави, но со забелешка дека и во самата ЕУ гледа работи што не му се допаѓаат. Тоа е речник што на Балканот го знаеме напамет – формално да, суштински чекаме.

Дали кај нас би постапиле исто? Македонија ја помина сопствената верзија на истата приказна – промена на устав, промена на име, отстапки направени однапред за нешто што допрва треба да дојде. Разликата е што Белград ги бара своите отстапки назад со микрофон в рака, а Скопје ги предаде без да го добие она за што се даваа.