Skip to content

По 19 години хаос, Уставниот суд ги поништи имињата на улиците во Тетово

1 мин. читање
Сподели
По 19 години хаос, Уставниот суд ги поништи имињата на улиците во Тетово

По речиси 19 години двојни имиња на улиците, Уставниот суд ја поништи одлуката со која Советот на Општина Тетово во 2007 година ги преименуваше улиците, плоштадите, мостовите и јавните објекти во градот. Причината е едноставна и стара колку и самата одлука – општината го направила тоа без согласност од Владата, што законот го бара.

Резултатот од таа недоследност го живеат тетовци секој ден: општинските документи користеа едни имиња, а државните документи – лични карти, пасоши – други. Деветнаесет години административен хаос затоа што еден совет одлучил сам, без да ја заврши процедурата до крај.

Меѓу спорните преименувања беа булеварот и плоштадот „Маршал Тито” во „Илирија”, улицата „ЈНА” во „Дервиш Цара” и улицата „29 Ноември” во „Мехмет Паша Дерала”. Уставната иницијатива ја поднесоа во февруари 2025 година Даријан Сотировски и Здружението на борците од НОБ – Тетово.

Зад имињата на улиците отсекогаш стоела политика, тоа не е тајна никаде на Балканот. Но поентата на оваа одлука не е кое име е „правилно” – туку дека ниту една власт, локална или централна, не смее да прескокне процедура и да остави граѓаните 19 години да живеат со две вистини во два различни документа. Кој ќе одговара за тие изгубени две децении?