Skip to content

Дивата депонија во Ново Лисиче станува парк од 71.000 квадрати со 1.000 дрвја: ветувањето е дадено во 2021 година

1 мин. читање
Сподели
Дивата депонија во Ново Лисиче станува парк од 71.000 квадрати со 1.000 дрвја: ветувањето е дадено во 2021 година

Дива депонија со години, наскоро парк од 71.000 квадратни метри. Просторот кај последната станица на „5“ во Ново Лисиче, веднаш до Куќата на фудбалот, конечно добива намена поинаква од онаа што сами си ја дадоа камионите со шут.

Почетокот на изградбата денес го означија градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески. Планирани се околу 1.000 дрвја – над 800 листопадни, останатите зимзелени – плус пристапни патеки, детски катчиња за игра и простори за одмор и дружење.

„Таму каде што со години имаше дива депонија, создаваме простор за живот, за детски насмевки, за прошетки и за дружење меѓу генерациите“, објави Ѓорѓиевски. Со овој парк, според него, Скопје доаѓа до околу 200.000 квадратни метри парковско зеленило.

Ветувањето има датум, и тој датум е 2021

Ова е добра вест и нема потреба да се врти поинаку. Но има и историја што вреди да се знае.

Ветувањето дека токму овој потег ќе стане парк и ќе ги поврзе двата постојни парка по должина на булевар „АСНОМ“ беше дадено во 2021 година, кога Тимчо Муцунски беше кандидат за градоначалник на Аеродром. По две и пол години тој стана министер за надворешни работи, Дејан Митески го наследи како вршител на должноста, а потоа беше избран на локалните избори во 2024. Депонијата остана депонија уште пет години по ветувањето.

Двата соседни парка ја кажуваат приказната

Паркот „Авионче“ го доби својот модерен изглед во 2013 година со целосна реконструкција – детски игралишта, кошаркарски терен, пешачки и велосипедски патеки, каруселот. Денес едниот угостителски објект работи, а поголемиот чека избор на нов концесионер кој треба да постави нова опрема за игра.

Во паркот кај последна „5“, пуштен во употреба во летото 2016 година, последно направено е „Бостание“ – мали парцели што граѓаните може да ги изнајмат и да садат. Другиот дел, со летниковци, клупи и канти, редовно е цел на вандализам.

Тоа е шемата. Се гради, се пушта, се фотографира – а одржувањето се препушта на времето. Ако новите 1.000 дрвја поминат две лета без систем за наводнување, нема да има ниту сенка ниту парк.

И едно нерешено прашање

Кога ќе се реализира БРТ автобускиот превоз во Скопје, каде ќе биде почетната станица на овој потег? Дали тогаш ќе настрада дел од новиот парк или дел од веќе постоечкиот? Истото прашање важи и за трасата по која булеварот „Февруарски поход“ треба да продолжи до новиот мост што Ѓорѓиевски го најави, а кој треба да ги поврзе Аеродром и Гази Баба.

Да се засади дрво е лесно. Да се засади на место каде нема да го исече следниот проект – тоа е планирање.