Skip to content

Поранешниот принц Ендру ја тужи полицијата што го уапси, а Роберт Де Ниро му порачува: „Треба да ја повлече тужбата“

1 мин. читање
Сподели
Поранешниот принц Ендру ја тужи полицијата што го уапси, а Роберт Де Ниро му порачува: „Треба да ја повлече тужбата“

Човек кој изгуби титули, јавна улога и речиси секаков углед сега прави потег што британската круна не го видела со векови: Ендру Маунтбатен-Виндзор ја тужи полицијата што го уапси. Поранешниот војвода од Јорк, некогаш омилениот син на Елизабета Втора, поднел барање за судска ревизија пред Високиот суд во Лондон и ја оспорува законитоста на налозите за претрес што ги издал судот Олд Бејли.

Да се потсетиме како стигнавме тука. На 19 февруари, токму на неговиот 66. роденден, полицијата на Темз Вели го приведе и го испита под сомнение за злоупотреба на јавна функција. Повод беа документите од случајот Епстин, според кои Ендру, додека бил специјален трговски претставник на Обединетото Кралство, наводно му проследувал на Епстин доверливи деловни извештаи. Беа претресени и неговите домови, Вуд Фарм во Сандрингам и Ројал Лоџ.

Сега тој тврди дека детективите, за време на претресите, однеле и приватен, доверлив материјал што нема никаква врска со истрагата. Според британскиот Telegraph, пресудата се очекува наскоро, а ако Ендру победи, полицијата би морала да му врати сè што запленила. Тоа би бил сериозен удар врз истрагата што почна откако досиејата на Епстин излегоа во јавноста оваа година.

Бакингемската палата веќе соопшти дека оваа битка нема да ја плати. Тоа е можеби најискрената реченица во целата приказна: кралското семејство се оградува од човекот кој и понатаму е брат на кралот. Според британските медиуми, ова е прв пат по судењето на Чарлс Први во 1649 година член на кралското семејство да оспорува судска постапка. Во Британија веќе се води расправа дали граѓанските судови треба да го контролираат однесувањето на полицијата кон кралските, или Виндзорите повторно добиваат третман каков што обичен осомничен не би добил. Отворено е и прашањето дали клучното рочиште ќе биде тајно или јавно.

Од другата страна на Атлантикот, во приказната влезе Роберт Де Ниро. Актерот учествуваше на масовен протест во паркот Вашингтон Сквер во Њујорк, каде се бара целосно објавување и истрага на досиејата на Епстин, и ја претстави патувачката библиотека што низ САД ги носи физички отпечатени сите 3,5 милиони документи што американското Министерство за правда ги има објавено досега.

Кога британскиот Sun го праша дали Ендру треба да се извини, Де Ниро не размислуваше долго: „Секако, сите што биле вмешани треба да го направат тоа. Треба да ја повлече тужбата.“ За актерот е неразбирливо што човекот, наместо да одговара за своето минато, ја троши енергијата во судски спор со полицијата за запленети лични предмети.

Ендру секогаш тврдел дека не е вмешан, а со жртвата на Епстин склучи вонсудско порамнување уште додека мајка му беше жива. Од јавната функција беше тргнат во 2019. Но досиејата постојано откриваат поинаква слика за тоа пријателство. А моделот е познат и надвор од Британија: колку пати сме гледале моќници кои, наместо да одговараат, ги тужат оние што ги истражуваат?