Skip to content

Осум воза дневно за Зелениково од 1 септември, додека три други линии низ земјава се укинати

1 мин. читање
Сподели
Осум воза дневно за Зелениково од 1 септември, додека три други линии низ земјава се укинати

Од 1 септември повторно ќе постои железничка врска меѓу Зелениково и Скопје. Градскиот воз ќе сообраќа осум пати дневно во двата правца, а патувањето ќе трае меѓу 24 и 28 минути – што со скопскиот утрински сообраќај звучи речиси невозможно.

Возот од Зелениково ќе застанува на станиците Зелениково Ново, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче, со крајна станица Железничката станица Скопје. Првото поаѓање е во 6:20 часот, а следат тргнувања во 8:30, 12:26, 14:00, 16:25, 18:30, 20:12 и последното во 21:55.

Во спротивна насока, од Железничката станица Скопје, првиот воз тргнува во 5:32 часот, потоа во 7:30, 11:40, 13:20, 15:42, 17:45, 19:12 и последниот во 20:56 часот. Возниот ред важи од 1 септември до 31 декември 2026 година.

Дали ќе се користи, ќе одлучи нешто друго

Линијата е значајна за жителите на Зелениково, Орешани, Драчево, Лисиче и околните места кои секојдневно патуваат кон Скопје. Но дали ќе биде практична не зависи од самиот воз, туку од тоа дали возниот ред е усогласен со работното време, со училиштата и со останатиот јавен превоз во градот.

Поглед на распоредот: првиот воз пристига во Скопје околу 6:45, вториот околу 9 часот. За смена што почнува во 8, едниот доаѓа предрано, другиот доцни. Токму таа шуплина одлучува дали еден воз ќе стане секојдневен превоз или само линија на хартија. Поврзаноста на железничката станица со градскиот транспорт е второто прашање – ако од станицата до работа треба уште половина час, времето од 24 минути губи смисла.

Додека Скопје добива, другите губат

Оваа вест изгледа поинаку кога ќе се стави во поширока слика. По македонските пруги денес сообраќаат десет пара патнички возови – по три од Скопје за Битола и Велес, и по два за Куманово и Гевгелија. Укинати се два воза од Скопје кон Велес и еден кон Битола. Меѓународни возови кон Грција, Србија и Косово нема.

Значи додека околината на Скопје добива осум пари дневно на кратка релација, граѓани од поголеми градови ја губат услугата која ја користеле со децении. Тоа не е случајност на распоредот, туку последица од начинот на кој железничките претпријатија работеа изминатите две-три децении.

Осум воза дневно за Зелениково е добра вест и заслужува да биде кажана како таква. Прашањето кое останува е зошто за да се врати една линија, треба претходно да се укинат три други.