Skip to content

Нацрт-просторниот план до 2040: Македонија ќе продолжи да се празни, а речиси секој трет стан е ненаселен

1 мин. читање
Сподели
Нацрт-просторниот план до 2040: Македонија ќе продолжи да се празни, а речиси секој трет стан е ненаселен

Македонија ќе продолжи да губи население. Тоа не е порака од опозиција ниту од песимистички колумнист, туку заклучок на експертите што во Битола го претставија Нацрт-просторниот план на државата до 2040 година, на регионалната стручна расправа за преспанско-пелагонискиот регион. Документот сè уште е нацрт и не е усвоен.

Сликата е позната, само сега е напишана во државен документ: негативен природен прираст во сите плански региони, стареење, интензивни миграции и сè поголема концентрација на населението во Скопскиот Регион. Скопскиот и Полошкиот Регион се исклучок, но ни тие нема да го свртат трендот на вкупно намалување на населението.

Најтешкиот податок се однесува на селата. Населените места со најмногу 100 жители сочинуваат речиси половина од сите населени места во државата, а во нив живее само околу еден процент од населението. Тие постојат повеќе на картата отколку во секојдневниот живот.

Станови без луѓе

Во домувањето парадоксот е уште поголем. Интензивната станбена изградба создала голем станбен суфицит: бројот на станови ги надминал проекциите од претходниот просторен план за околу 114.000, а речиси една третина од становите се ненаселени. Пазарот на домување е речиси целосно препуштен на приватниот сектор, со мал број станови во државна сопственост.

А што наведуваат експертите како прва мерка против иселувањето? „Полесно решавање на станбеното прашање, особено за младите генерации“, рече Душица Трпчевска-Ангелковиќ од Агенцијата за планирање на просторот. Значи, станови има – недостапни се.

Во земјоделството трендот е ист. Младите го губат интересот, се напуштаат обработливите површини и селата, земјоделското земјиште се пренаменува во градежно, а органското производство е под еден процент од вкупното, и покрај поволните услови.

„Западна Македонија ја баталивте“

Најостриот глас дојде од салата. Љупчо Стојановски, експерт за животна средина со 40-годишно искуство, им порача на планерите дека оската на развој на нивната мапа оди кон исток и југ, а на запад нема ништо. „Од Битола до Скопје со воз патуваме 6 часа, ужас невиден“, рече тој и потсети дека градскиот воз Битола-Прилеп, што го промовираше министерот, сè уште го нема.

Нацрт-планот одговара со амбиција: Битола, Струмица и Охрид да бидат на 90 минути од Скопје со воз, преку брза пруга, девијација од Градско кон Росоман и Раец и тунел под Плетвар до Прилеп. Се споменуваат и експресен пат Битола-Охрид, автопатско поврзување до граничниот премин Меџитлија, 16 акумулации на реките во регионот, централа на биомаса и можноста Ниџе да добие статус на национален парк.

Од „шест часа“ до 90 минути е голем скок за еден документ што засега содржи плански решенија и развојни насоки, а не проекти со утврдени рокови. Прашањето е колку луѓе ќе останат во Битола до моментот кога возот конечно ќе стигне до неа.