Skip to content

Дизелот скокна на 94 денари, бензините поскапеа: Намалената акциза значи помалку поскапување, не поевтино гориво

1 мин. читање
Сподели
Дизелот скокна на 94 денари, бензините поскапеа: Намалената акциза значи помалку поскапување, не поевтино гориво

Од полноќ, на бензинските пумпи цените се повисоки. Дизелот скокна за цели шест денари и сега чини 94 денари за литар. Бензините Еуросупер БС-95 и БС-98 поскапеа за по три денари, па сега се точат по 90, односно 92 денари. А екстра лесното масло за домаќинство поскапе за седум денари. Летото штотуку почна, а горивото веќе кажува дека овој одмор ќе не чини повеќе од минатогодишниот.

Регулаторната комисија за енергетика ги објаснува поскапувањата со растот на светските берзи: референтните цени пораснале за околу 9 отсто кај бензините и речиси 15 отсто кај дизелот во однос на претходната пресметка. Тоа е надворешен фактор врз кој ниту РКЕ, ниту Владата немаат влијание. Досега приказната е позната – светот скокна, ние платуваме.

Но има и домашен дел. Владата вчера намали акцизи – еден денар по литар за бензините и два денари за дизелот – за да го „ублажи ударот“. Според нивните пресметки, без оваа интервенција дизелот ќе поскапеше за околу осум денари наместо за шест. Со други зборови: намалувањето на акцизата не значи поевтино гориво, туку помалку поскапување. Тоа е разлика што секој возач ја чувствува само на еден начин – сепак плаќа повеќе.

Прашањето што останува е колку долго ќе трае оваа игра на акцизи како амортизер. Секој пат кога светската цена скокне, државата отстапува дел од својот приход за да не биде ударот целосен – но тоа е решение што има граница. Акцизата не може вечно да се намалува, а светските цени не прашуваат за нашиот буџет.

За возачот на пумпа, сепак, сметката е едноставна и без пресметки: полн резервоар дизел утрово чини забележливо повеќе отколку вчера. РКЕ потсетува дека утврдените цени се максимални и трговците можат да продаваат и поевтино. Дали навистина ќе го сторат тоа – или сите ќе се залепат за таванот – е нешто што секој ќе го види сам, на најблиската бензинска.