Skip to content

„Револуција на фламинзите“ во Албанија: бунт против проектот од 1,4 милијарди на Иванка и Кушнер

1 мин. читање
Сподели
„Револуција на фламинзите“ во Албанија: бунт против проектот од 1,4 милијарди на Иванка и Кушнер

Додека едни го продаваат како најголемата инвестиција во историјата на земјата, други го викаат „диктатура на валканите пари”. Во јужна Албанија се разгоре најголемиот граѓански бунт од паѓањето на комунизмот пред повеќе од 30 години – и тоа поради луксузен туристички проект вреден 1,4 милијарди евра, зад кој стојат Иванка Трамп и Џаред Кушнер.

Проектот се протега на две локации: островот Сазан, поранешна советска воена база со напуштени објекти, и крајбрежен појас од осум километри кај Влора, во близина на природниот резерват Пишë Поро-Нарта. Токму тука е проблемот – лагуната е критична миграциска зона за над 70 загрозени видови, меѓу кои фламинзи, медитерански желки и ретки птици.

Бунтот, наречен „револуција на фламинзите”, тргна откако булдожери почнаа да расчистуваат шума во заштитената зона пред три недели. Демонстрантите гледаат олигарси што експлоатираат една од најсиромашните земји во Европа, а гневот е поголем затоа што парламентот ги измени строгите еколошки закони токму за да го овозможи проектот. „Сакаме да ја запреме диктатурата на валканите пари”, изјави еден од протестантите.

Премиерот Еди Рама жестоко го брани проектот, нарекувајќи го „благослов” што ќе создаде работни места и ќе ги зголеми зелените површини за 25 проценти. Тој ветува развој по еколошки стандарди на ЕУ и одбива какви било повици за оставка. Иванка и Кушнер, пак, пораката од улицата ја одбиваат со „проектот е неверојатен”.

Сценариото е болно познато на Балканот: странски капитал, домашна власт што менува закони преку ноќ, и природа што завршува како колатерална штета во име на „развојот”. Прашањето што го поставуваат Албанците е она што и кај нас ретко добива чесен одговор – кога нечија земја се продава парче по парче, чиј џеб всушност се полни, а кој на крајот останува само со изгубениот предел?