Skip to content

Изгубени 4 милиони однадвор, а 10 милиони делени одвнатре: приказната за пропаднатата изборна реформа

1 мин. читање
Сподели
Изгубени 4 милиони однадвор, а 10 милиони делени одвнатре: приказната за пропаднатата изборна реформа

Рокот за нов Изборен законик истече, а власта има готов наслов за јавноста: Македонија изгубила околу 4 милиони евра европски средства, а виновна е опозицијата. Само што, во целата приказна за изгубените милиони, се премолчува една бројка која удира многу поблиску до нас – околу 10 милиони евра јавни пари што најголемите партии повторно ќе си ги поделат меѓу себе.

Со тоа што пропадна реформата, во сила останува постојниот модел на платено политичко рекламирање. Тоа значи дека државата и понатаму ќе полни партиски буџети со наши пари – под изговор дека така функционира демократијата. ПП Левица, која го отвори ова прашање, тврди дека токму тоа никому не му пречи од двете најголеми партии.

Според партијата, во завршницата на преговорите ДПМНЕ ја оттурнала темата за една изборна единица – иако токму тоа било едно од сопствените предизборни ветувања – и наместо неа отворила ново прашање за гласањето од странство. СДСМ, пак, одбила да присуствува на координативна средба за усогласување околу една изборна единица. Резултатот: нема нов законик, нема една изборна единица, нема укинување на плаќањето за политичко рекламирање.

Овде вреди да се застане. Реформата се продаваше како демократизација, а падна во моментот кога требало да ги допре двете работи што директно им ја чуваат предноста на најголемите партии – шесте изборни единици и државните пари за реклами. Совпаѓање? Или токму тоа беше поентата?

Кога јавноста ѝ се сервираат изгубени европски милиони како вест од денот, лесно е да се превиди дека истите тие што жалат за 4 милиони однадвор, молчат за 10 милиони одвнатре. Прашањето не е кој ги изгуби европските пари. Прашањето е кому му одговараше реформата да нема – и кој ќе ги плати тие 10 милиони. Одговорот, како и досега, сме ние.